Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, поизразен долж Повардарието, соопшти УХМР.
Во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд.
Веќе од утре ќе следува значително затоплување и температури повисоки од просечните за ноември.
Според прогнозата на метеорологот Славчо Попоски, во најтоплите делови од земјава температурите ќе достигнат до 20 степени, а потопло време се очекува и во целиот балкански регион.
Причината за ваквата промена на времето е приливот на значително потопол воздух од Атлантикот, кој ќе донесе пораст на дневните температури, но и потопли утра и ноќи.