Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со делегација на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Полициската академија. Делегацијата ја предводеше директорот за Европа и Централна Азија, Артур Еркен.
На средбата беше потврдена добрата соработка меѓу Министерството и ИОМ, како и заедничката определба за понатамошно јакнење на институционалните капацитети во областите од заеднички интерес.
Тошковски се заблагодари за континуираната поддршка и за проектите што се спроведуваат во партнерство со ИОМ, истакнувајќи дека тие даваат значаен придонес во реформските процеси во Министерството за внатрешни работи.
Тој нагласи дека активностите поддржани од ИОМ се целосно усогласени со приоритетите на Министерството, особено во делот на дигитализацијата, унапредувањето на граничното управување и зајакнувањето на капацитетите за борба против трговијата со луѓе и криумчарењето на мигранти.
Директорот Еркен ја истакна важноста на досегашната соработка и изрази подготвеност за нејзино продолжување и продлабочување преку нови заеднички активности и проекти.
По средбата, министерот Тошковски и директорот Еркен извршија увид во тековните градежни работи на објектот во рамки на Полициската академија.
Работите се финансираат преку ИПА 2024 проектот „Јакнење на системите за управување со нерегуларна миграција и борба против организираниот криминал во Македонија“, а ги имплементира Меѓународната организација за миграција.
Овој проект е конкретен пример за успешната соработка меѓу МВР и ИОМ, насочена кон јакнење на капацитетите и создавање подобри услови за справување со актуелните безбедносни и миграциски предизвици.