Пишува: Свето Тоевски
Антоан Меје (11 ноември 1866 – 21 септември 1936) е еден од најважните лингвисти на 20 век. Како професор на Колеж де Франс и Универзитетот Сорбона во Париз, Франција, тој бил еден од најзначајните научни авторитети на европската споредбена и индоевропска лингвистика во своето време. Неговото научно дело има посебна тежина, затоа што не станува збор за публицист или политички автор, туку за еден од највлијателните професионални лингвисти на своето време.
Меје не ги сведува македонските говори на обична регионална варијанта на српскиот, или бугарскиот јазик. Тој отворено и јасно ја отфрла нивната идентификација со кој било од двата соседни јазични система. Меје ги сместува македонските говори во пошироката јужнословенска јазична целина. Тоа е научна класификација, што ја признава нивната словенска генеалошка припадност, но ја согледува и нивната внатрешна посебност – постоењето македонски дијалекти во рамки на македонскиот јазичен систем. Тој истакнува дека македонските говори меѓусебно се разликуваат. Ова е особено важно, бидејќи тој не говори за постоење единствен македонски говор, туку препознава разновидност во македонскиот дијалектен простор.
Појасно кажано, овде францускиот јазичар истапува во улога, условно кажано, на македонски дијалектолог, бидејќи го истакнува постоењето на македонскиот јазик како целина на внатрешни различни дијалекти – говори, кои тој директно ги именува како македонски, а не како бугарски, или српски. Токму тука е научната тежина на неговиот став: македонскиот говорен простор не може да се објасни со припојување кон српскиот, или бугарскиот говорен простор.
Значењето на Меје за македонскиот јазик треба да се оценува во две меѓусебно поврзани рамништа: 1. неговото научно третирање на македонскиот говорен простор како значаен предмет на славистичко проучување; 2. Неговото место во европските истражувања на јужнословенските јазици и нивните структурни особености.
Политичката димензија на македонското јазично прашање
Меје ја отвора и политичката димензија на македонското јазично прашање. Американскиот славист и македонист Виктор Фридман во својата студија „Македонското прашање“ го пренесува следниот став на Меје: „Всушност, тие македонски говори навистина не ѝ припаѓаат на ниту една од двете групи (бугарскиот и српскиот јазик – л.заб.), кои ги оспоруваат.“ Со овој исказ францускиот лингвист нагласува дека македонското јазично прашање не се развивало во политички неутрални услови. Во тоа време Македонија била предмет на територијални, национални и политички стремежи. Српските и бугарските национални концепции се натпреварувале за нејзиното македонско население, а јазикот бил еден од главните средства во тој натпревар. Тој дури отворено укажува објаснува дека бугарските учители и побугарените учители во Македонија во последната третина на XIX век имале силно влијание, што им дало повод на Бугарите да ја бараат македонската територија за својот „заеднички јазик“.
Јазикот како суштински белег на националната посебност – пошироката лингвистичко-идентитетска теорија на Меје на европските и светските јазици
Значењето на Меје не се исцрпува со неговиот конкретен осврт на македонските говори. Во истата книга, во поглавјето “Јазик и нација“ тој изложува ставови кои, се особено важни за разбирањето на македонското прашање. „Јазикот е првиот и најасниот белег, според кој се разликува една нација. Онаму каде што се бришат јазичните разлики, има тенденција да се бришат и националните разлики.“ – посочува Меје, нагласувајќи дека не ја сведува нацијата само на јазикот. Во својата лингвистичко-идентитетска концепција тој ги зема предвид и историската свест, и чувството на припадност на еден народ.
Мора да се има предвид фактот дека фактот Меје ја признава македонската јазичната посебност, но не употребува термин „македонски јазик“. Во неговата студија преовладуваат термините „говори на Македонија“ ( les parlers de Macédoine“) и „македонски говори“ („parlers macédoniens“). Меје не ја прогласува македонската нација. Во конкретниот текст нема изричен исказ за Македонците како нација. Неговата анализа е првенствено лингвистичка, а не етнополитичка.