Пропалестински демонстранти фрлаа кутии со млеко кон поранешниот американски претседател Џо Бајден и неговата придружба за време на неговата ненајавена посета на Даблин.
Инцидентот се случи вчера пред колеџот „Тринити“, каде што Бајден и неговата сопруга Џил присуствуваа на свеченост во чест на нивниот син Хантер. Ирската полиција приведе две лица.
Демонстрантите се собраа за да го изразат своето незадоволство од поддршката на Бајден за Израел за време на војната во Газа. Додека поранешниот претседател го напушташе универзитетот, тие извикуваа: „Џо геноцидниот“, „Имаш крв на рацете“ и „Срам да ти е“.
На снимките што кружат на социјалните мрежи се гледа како припадници на обезбедувањето ги штитат Бајден и неговата сопруга, додека полицијата се обидува да ги одвои од демонстрантите.
Сè уште нема потврда дали некој од фрлените предмети всушност го погодил поранешниот претседател.
Бајден пристигна во Даблин ненајавено, придружуван од сопругата Џил, за да присуствува на доделување награда за нивниот син Хантер.
Најстарото студентско дебатно друштво на колеџот „Тринити“, „Колеџ историкал сосајети“ (College Historical Society), му додели златен медал на Хантер Бајден за неговиот исклучителен придонес во јавниот дискурс.
Хантер Бајден претходно беше осуден во САД за прекршоци поврзани со огнено оружје и даноци, но кон крајот на 2024 година доби помилување од својот татко, кој во тоа време сè уште ја извршуваше функцијата претседател на САД.
За време на престојот во Даблин, семејството Бајден се сретна и со ирскиот премиер Мајкл Мартин, со кого разговараа за ирските корени на Бајден и за неговите претходни посети на земјата.
Joe Biden was pelted with milk cartons in Dublin, Ireland, as he took cover behind an umbrella. Police wrestled with protesters while he was rushed into his SUV. pic.twitter.com/DCQbCgztYI
— Breaking911 (@Breaking911) November 10, 2026