Македонија

Не случајно Првото заседание на АСНОМ е одржано на денот на Илинденското востание, тоа е продолжение на борбата за создавање македонска држава

Линина Жила од Институтот за национална историја од Скопје нагласува дека Македонија мора да направи база на податоци, како во балканските земји, која ќе ги зачува личностите со посебен придонес за македонската историја

„Неспорни се и бројни се фактите и аргументите за континуитетот на двата Илиндена.“ – констатираа историчарите на научната трибина, што синоќа се одржа во Крушево во рамки на националната установа „Десет дена Крушевска Република“.


„Постојат бројни, индивидуални примери на активни учесници кои успеале да ги доживеат, или да бидат современици на двата Илиндена. Тоа, можеби, е посебен предизвик за нашата историографија, која треба да ги обработи како тема и како проблематика, бидејќи секој еден учесник е приказна за себе, која дава ексклузивни докази за континуитетот и посебноста на двата Илиндена оти припаѓаат на македонскиот народ како одделна, засебна, етнолошка, културолошка, политичка, единица, целина, што успеал да организира своја држава на овие простори. Ако се разгледуваат случаите меѓу двете светски војни, периодот на НОБ, па и периодот потоа, навистина се бројни и ексклузивни.“ – вели д-р Зоран Богески, историчар, виш кустос во историскиот музеј „Крушево“.

Според професор д-р Александар Симоновски, научен советник во Институтот за национална историја од Скопје, целта е да се објаснат Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ од научен аспект: како тоа што започна во 1903 година беше предизвик за Народно-ослободителното движење во текот на Втората светска војна. „Сите тие мотиви, што ги црпеше Комунистичката партија на Македонија од првиот Илинден, се надоврзаа со првото заседание на АСНОМ, фактички, со борбата против окупаторот и круната беше создавањето на македонската држава. Не случајно, првото заседание на АСНОМ беше одржано на 2 август 1944-та година, бидејќи таа врска, нишка и традициите од 1903-та година беа испочитувани, како борба за создавање на македонска држава.“ – посочува Симоновски.

Но, потребни се и поголема едуцираност на населението и акцент во проучувањето, но и претставувањето и на меѓународен план, зашто некој сака да ја негира македонската посебност. „Системот и институциите треба да стават посебна нагласка во проучувањето, докажувањето, документирањето, обработката, критичкиот пристап на овие настани и нивното претставување не само пред нашиот народ, кој историски не е добро образован, но и пред меѓународниот чинител. Бидејќи, очигледно е од настапите од соседните држави дека кај нив постои насушна потреба овој посебен момент да биде негиран, за да се добие легитимитет нивниот став за негирањето на македонската посебност.“ – смета историчарот Зоран Богески.

Линина Жила од Институтот за национална историја од Скопје нагласува дека Македонија мора да направи база на податоци, како во балканските земји, која ќе ги зачува личностите со посебен придонес за македонската историја. Имало барања и од Институтот за национална историја и од Државниот архив, но не дошло до разбирање за важноста за дигиталното зачувување и достапноста до податоците на секого. „На пример, ни треба база на податоци на учесници во Илинденското востание. Има материјали за таква база, но таа не постои. Како проект некое време беше понуден до Министерството за култура, но пред две-три години беше одбиен. Ние прославуваме, кажуваме колку е за нас важно историското паметење, но речиси ништо не се прави во таа насока.“ – вели Линина Жила.

Според Жила, базата на податоци е основата за заживувањето на меморијата на семејствата од Македонија. „Секое име во историјата треба да биде зачувано. Секој човек ја остава својата трага, а така и македонската историја ќе остане и ќе остави трага. Базата на податоци за македонската историја ќе значи создавање врска меѓу генерациите, а тоа е основа, бидејќи ќе се памети дека тие што заминале имаат потекло од Македонија и Македонија ќе остане жива.“ – заклучува Линина Жила од Институтот за национална историја од Скопје.

Македонска информативна агенција – МИА

Најнови вести од: Македонија

Онлајн купувачи се жалат на проблеми при пазарењето, најчесто за бавна испорака

Бавната испорака е најчестиот проблем на е-купувачите. Повеќе од една третина (35,4%) од онлајн купувачите во ЕУ пријавиле проблеми при купување преку веб-страница или апликација, покажува истражувањето на Евростат од 2025 година за користење на информатичко-комуникациски технологии. Во Македонија, проблем при е-шопинг имале 29,41 отсто од купувачите.

Над 400 милиони денари само лани вложени во инфраструктура во Битола

Во тек се 10-ина нови проекти (реконструкција на улици и патишта, изградба на нови, комунална инфраструктура, спортски игралишта). Коњановски најави дека со почнувањето на градежната сезона ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со Владата веќе се склучени договори.

Димитриевски: „Да“ за Европа, но европски пат со заштита за македонскиот идентитет и без отстапки кон Бугарија!

Лидерот на ЗНАМ предлага парламент со 90 пратеници како дел од пошироки изборни реформи. Истовремено бара заштита на македонскиот идентитет и европски пат без отстапки кон Бугарија.

To top