Свет

Трамп: Америка не ја започна војната со Иран (ВИДЕО)

„Возвративме – и тоа жестоко – и победивме. Прашање е само кога сакаме да ја завршиме војната“, изјави тој

 

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера прогласи победа за Соединетите Држави во војната против Иран, која трае повеќе од осум месеци. За време на говорот по повод Денот на ветераните на Националните гробишта „Арлингтон“ во Вирџинија, тој изјави дека американската војска веќе победила и дека Вашингтон може да одлучи кога да го заврши конфликтот, пренесува „Тајмс оф Израел“ .

„Возвративме – и тоа жестоко – и победивме. Прашање е само кога сакаме да ја завршиме војната“, изјави Трамп. Сепак, американскиот претседател не најави завршување на воените операции ниту повлекување на американските сили од регионот. Тој нагласи дека нема намера да ја запре војната пред Соединетите Држави да ги остварат сите свои цели.

Трамп изјави дека Соединетите Држави не ја започнале војната со Иран; напротив, Техеран со децении води непријателска политика кон Вашингтон. „Америка не ја започна војната со Иран. Иран води војна против Америка уште од 1979 година“, рече Трамп.

„Сакаме да се осигураме дека ќе постигнеме целосна победа – а не победа од 93 отсто. Таа ќе биде целосна“, тврди американскиот претседател.

Трамп исто така изјави дека на Иран ќе му бидат потребни 25 години за да го обнови она што американските сили го уништиле. Тој изрази надеж дека нема да биде потребно дополнително уништување и повторно истакна дека американските бомбардери „Б-2“ го спречиле Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

Американскиот претседател ги спомена и загинатите американски војници. Тој наведе дека во конфликтот се изгубени 18 животи, а потоа повторно најави дека крајот е близу. „Изгубивме 18 прекрасни луѓе, но кога ќе заврши овој конфликт – а тоа ќе биде наскоро – целиот свет ќе стане многу побезбедно и помирољубиво место“, рече Трамп.

Неговата изјава доаѓа по неколкумесечни најави за брз крај на војната. Уште во април, Трамп изјави дека конфликтот наскоро ќе заврши, а во текот на летото постојано тврдеше дека Иран е воено поразен.

Во неделата, на 8 ноември, тој прогласи американска победа, наведувајќи дека конфликтот сепак треба да се заврши. Еден ден подоцна, по разговор со катарскиот премиер, тој изјави дека Иран е практично воено поразен и дека постои добра можност за постигнување договор.

Најнови вести од: Свет

To top