Гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, преку социјалната мрежа X поранашен Твитер остро реагираше на наводите на СДСМ дека бил принуден или му било наредено од ВМРО-ДПМНЕ да поднесе кривични пријави против претседателот на СДСМ Венко Филипче и други функционери на партијата за лагите за Алта Банка.
Во својата објава Славески иронично коментираше:
„Го натерал, му наредил … Што ви е вам?! Последната наредба што ја примил и извршил војникот Т. Славески е од своите старешини за време на отслужување на воениот рок во поранешната ЈНА во далечната 1983/84 година на Косово.“
Со оваа изјава тој укажува дека не прима наредби од политички лидери и дека ја задржува својата професионална независност.
Објавата доаѓа како директна реакција на тврдењата на СДСМ објавени во медиумите, според кои премиерот Христијан Мицкоски „панично ја штител Алта банка“ и го натерал гувернерот да поведе постапка против Филипче, Саша Димитријевиќ, Андреј Жерновски и Александар Трајановски кои со изјави за банката ширеа паника.
Славески, кој претходно беше министер за финансии и министер за развој, со оваа реакција ја отфрли секоја сугестија за политички притисок врз институцијата што ја води.