Македонија

Ван дер Белен до Сиљановска-Давкова: Ви благодарам за продуктивната размена на мислења

Австрија е подготвена дополнително да ја зајакне веќе блиската соработка со Македонија

Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен ја пофали средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и истакна подготвеност за продлабочување на соработката.

На објава на социјалните мрежи, Ван дер Белен се заблагодари за продуктивната размена на мислења со македонската претседателка.

„Ви благодарам, госпоѓо претседателке Гордана Сиљановска-Давкова, за продуктивната размена! Австрија е подготвена дополнително да ја зајакне нашата веќе блиска соработка со Македонија и да ги продлабочи силните економски врски, вклучително и во областа на одржливоста“, напиша австрискиот претседател.

Средбата меѓу двајцата претседатели се одржа на маргините на COP31 во Анталија. Сиљановска-Давкова тогаш ја нагласи силната македонско-австриска соработка, улогата на Австрија како еден од водечките инвеститори и економски партнери, како и принципиелната поддршка на Австрија за европскиот пат на земјата.

Во период од три дена претседателката Сиљановска-Давкова учествуваше на важни меѓународни настани во Париз, Анталија и Даблин.

Во Париз (10 ноември) таа учествуваше на 9. Париски мировен форум под мотото „Здружување на силите за она што е најважно“. Се обрати на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, каде што порача дека Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан и дека европската безбедност е неразделно поврзана со безбедноста на регионот. Потсети дека Македонија 21 година има кандидатски статус и 17 позитивни извештаи, но сè уште не ги започнала преговорите. Учествуваше и на свечената вечера што ја организираше францускиот претседател Емануел Макрон.

Во Анталија ден подоцна на 11 ноември ја предводеше македонската делегација на Лидерскиот самит во рамките на COP31 – Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени. Во обраќањето ја потврди посветеноста на климатската акција и праведната енергетска транзиција.

Вчера во Даблин на 12 ноември Сиљановска-Давкова учествуваше на 9. самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), чија централна тема беше „Европа: силна, безбедна и поврзана“.

На панелот „Градење на компетитивна Европа – иновација, поврзаност и достапна енергија“ говореше за врската меѓу европската конкурентност, иновациите, енергетската безбедност и интеграцијата на Западниот Балкан. Истакна дека Европа и Западниот Балкан се „систем на поврзани садови“ и дека Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со регионот.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

„Секое одложување на поврзувањето е пропуштена можност. Секоја одложена инвестиција има економска последица. И секоја политичка цел има цена којашто не ја плаќаат институциите, туку граѓаните“

To top