Бизнис

Бизнисот постојано бара работници, додека 88.500 граѓани „молат Бога да не најдат“

Анкетата на АВРМ открива јаз меѓу потребите на компаниите за среден стручен кадар и образовниот профил на активните баратели. Од Владата велат дека невработеноста паѓа, но и граѓаните да се поажурни ако сакаат добри примања.

На македонскиот пазар на трудот има голем број невработени и изразен недостиг од работна сила. Според податоците на Агенцијата за вработување, во јуни како активни баратели на работа биле евидентирани 88.541 лице, што е за 2.425 повеќе во однос на мај. Дополнително, регистрирани се 41.281 пасивни баратели на работа.

Најголем дел од активните баратели на работа се лица со ниско ниво на образование. Без образование или со основно образование се 51.390 лица, односно 58 отсто, додека 22.195 лица, или 25 отсто, имаат средно образование. Тоа значи дека околу 83 отсто од невработените имаат најмногу средно образование.

Од друга страна, работодавачите пријавуваат сериозна потреба од нови кадри. Според анкетата на Агенцијата за вработување, речиси 62 отсто од работодавачите очекуваат потреба од нови вработувања, а во приватниот сектор годинава се планирани 14.498 нови работни места. Гледано според големината на субјектите, најголем дел од новите позиции треба да се отворат кај средните претпријатија (38,8 отсто), по што следат малите компании со 32,2 отсто и големите деловни субјекти со 29 отсто од вкупната побарувачка.

Најмногу вработувања се очекуваат во преработувачката индустрија – 5.328, потоа во трговијата со 2.342, градежништвото со 1.437 и секторот за сместување и услуги со храна со 958 нови вработувања.

Недостигот од работници се гледа и преку бројот на слободни работни места. На национално ниво има повеќе од 10.100 слободни позиции, од кои над 1.670 се во преработувачката индустрија, 1.644 во угостителството и хотелиерството, а 1.483 во трговијата. Во административните и помошните дејности има 1.411 слободни места, во градежништвото 910, а во транспортот 740.

Потребата од работна сила се надополнува и со ангажирање странски работници. Само минатата година биле обработени 10.143 барања поврзани со издавање работни дозволи за странци и мислења за нивно ангажирање. Поради зголемените потреби на компаниите, Владата на почетокот на годинава ја зголеми квотата на 10.000 работни дозволи за странци.

Податоците покажуваат дека главниот проблем на пазарот на трудот не е само бројот на невработени, туку и несовпаѓањето меѓу нивните квалификации и потребите на работодавачите.

Најнови вести од: Бизнис

Макстил најавува планирани промени во управувањето по промените на ниво на групацијата

Марија Дуковска-Павловска започнува ново професионално поглавје, а Иван Бановски е предложен повторно да го преземе раководењето со компанијата. Предвиден е шестмесечен транзициски период за обезбедување континуитет во управувањето

Потребен е национален дата-центар, велат од Владата

Македонија мора да изгради национален дата-центар за да ја обезбеди стабилноста на дигиталните услуги и да го следи развојот на вештачката интелигенција, е заклучокот на панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“.

(Видео): ДПИ открива скандал со брзите кредити, од Владата со реакција за големата сума пари

ДПИ за првпат спроведе сеопфатен и неселективен инспекциски надзор кај сите 27 финансиски друштва кои поседуваат лиценца за работа од Министерството за финансии, при што утврди сериозни прекршувања на правата на потрошувачите и донесе решенија со кои овие друштва се обврзуваат да им вратат на граѓаните незаконски наплатени средства во вкупен износ од над 140 милиони денари, соопшти директорот Влатко Стојкоски.

To top