Возачите повторно ќе почувствуваат олеснување на пумпите. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати, која стапува во сила од полноќ – 24 ноември.
Од 00:01 часот литар дизел ќе се продава по максимална цена од 88,50 денари, што претставува намалување од 3,50 денари. „Еуросупер БС-95“ поевтинува од 84 на 82 денари, додека „Еуросупер БС-98“ ќе чини 84 наместо досегашните 86 денари за литар.
Намалување има и кај екстралесното масло за домаќинство, чија цена се спушта од 100,50 на 98 денари за литар. Максималната цена на мазутот се намалува од 48,314 на 48,110 денари за килограм.
Според пресметката на РКЕ, за 50 литри дизел по максимална цена возачите ќе платат 4.425 денари, односно 175 денари помалку.
Кај истото количество бензин, заштедата ќе изнесува 100 денари. Бензинските станици имаат можност да ги продаваат горивата и по пониски цени од утврдените максимални.
Од Комисијата објаснуваат дека намалувањето е резултат на падот на референтните цени на светските пазари, кои во однос на претходната пресметка се пониски за околу 6,5 проценти кај дизелот и 5,9 проценти кај бензините.
Во пресметката се земени предвид и промените на курсот на доларот, како и намалените акцизи и повластената стапка на ДДВ од 10 проценти за дизелот.
Со новата одлука, малопродажните цени на петте нафтени деривати во просек се намалуваат за 2,28 проценти.
10 наднаслови