Бизнис

Храната „ja изеде“ работничката плата, секој месец е сè поскапо – има ли крај на тоа?!

Поскапа за 921 денар е првата годинешна минимална синдикална кошница. Најосновните јануарски потреби на четиричлено семејство чинеле 66.413 денари. Трошоците за храна и пијалаци, кои зафаќаат 36,6 проценти од месечните давачки, достигнале 24.211 денари. Од декемвриските се повисоки за 571 денар. И безмалку сосема се поклопуваат со минималната плата од 24.397 денари.

Минималните месечни трошоци на четиричлено семејство во јануари изнесувале 66.413 денари и се зголемени за 921 денар во споредба со декември, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија. Доколку четиричленото семејство живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималните трошоци изнесуваат 81.788 денари. Од вкупните месечни минимални трошоци, 24.211 биле потребни за храна и за пијалаци, а за намирување на минималните режиски трошоци – 6.338 денари.

Поради зголемените трошоци за живот, ССМ бара зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати, за што во следниот период најавува протести. Оттаму велат дека во услови на зголемени цени на храната, енергенсите и на услугите, минималната плата често се троши пред да заврши месецот.

  • Цените предвреме ги изедоа платите. Да нема инфлација, минималната плата нека биде и 15.000 денари. Нашето барање за 600 евра минималец е издржано кога споредуваме колку скокнаа цените во маркетите. Двајца дома треба да обезбедат најмалку 65.000 денари месечно само за основните трошоци – велат од ССМ.

Инфлацијата во Северна Македонија официјално порасна за 4,1 отсто на годишно ниво. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени на 8 јануари, само во текот на 2025 година, во просек, е поскапено за 4,1 процент, а цените на мало пораснале за 3,7 отсто. Минималната плата се усогласува секоја година во март, со 50 од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот за претходната година.

Минималната плата во Македонија е 24.379 денари (397 евра), а, според податоците, околу 40 илјади работници во државата се на минималец.

Во март 2026 година, според пресметките, порастот на минималната плата би требало да биде во границите од 6,5 до 7 отсто во однос на 2025 година, односно тоа би значело зголемување од 1.500 до 2.000 денари.

Инаку, во регионот, само Косово има пониска минимална плата од Македонија. Минималецот во Косово е 384 евра. Минималната плата во Србија е од 505 до 580 евра, во зависност од бројот на одработени работни часови во месецот. Во Албанија е 440 евра, а во Босна и Херцеговина 525 евра. Највисока е минималната плата во Црна Гора и изнесуваа 600 евра месечно.

Најнови вести од: Бизнис

Под лупа над 800 продажни места, Инспекцијата со полни раце работа – Кој се го прекршил законот в очи празниците?!

Мицкоски најави дека на следната владина седница ќе го имаат извештајот и компаративната анализа и ќе резгираат врз основа на неа. Засега остануваат мерките за намалување на ДДВ за бензините и дизел од 18 на 10 проценти и одлуката за усогласување на акцизите, со која Регулаторната комисија за енергетика може да постапува.

Регионална експанзија на АЛТА Група: Со преземање на ЗОИЛ Македонија АД Битола воспоставен интегриран систем на банкарски и осигурителни услуги

Интегрираниот модел „сè на едно место“ е усогласен со европските практики и овозможува поголема ефикасност, заштеда на време и полесно донесување финансиски одлуки

Иран ги обвини САД за прекршување на договорот – цените на нафтата веднаш реагираа со пораст

Новите обвинувања од Иран повторно ја зголемија неизвесноста на пазарот, покажувајќи колку е кревка моменталната ситуација околу Ормускиот теснец – стратешкиот теснец низ кој поминува голем дел од светското снабдување со нафта.

Цената на становите порасна за 16,7% – сепак пазарот на недвижности го има последниот збор

Најактивни општини биле Центар, Аеродром и Карпош каде становите се продавале по просечна цена од 1.692, 1.558 и 1.419 евра за квадратен метар. Најскап стан лани бил продаден во Аеродром за 166.500 евра, а во оваа општина е постигната и највисока цена по квадрат – 3 784 евра за квадратен метар.

To top