Бизнис

Мицкоски: Нова инвестиција од шест милиони евра и 200 нови вработувања

Новиот погон на „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ скопје 1 е конкретен пример како се создава развој

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствува на поставување камен-темелник на новата фабрика на турската компанија „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје.

-Денес го одбележуваме почетокот на нова инвестиција, но повеќе од тоа денес вградуваме уште еден темел на економска доверба. Јасен сигнал дека кога институциите се посветени успехот неминовно доаѓаат, рече премиерот Мицкоски.

Компанијата „Чагатај Кабло“ започнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1.

-Се работи за инвестиција од вредност од од шест милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10 000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места, како што кажа и претседателот на управниот одбор ќе дојдеме до бројка до 500 работни места кои што ќе произведуваат овде во производствените капацитети на компанијата „Чагатај Кабло“.

Тој истакна дека ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде во нашата татковина.

– Ова е само еден од многуте примери како се создава економски раст, не со теории, туку со конкретни објекти, не со пароли, туку со нови работни места, не со зборови, туку со нова хала што се гради, потенцира Мицкоски во обраќањето.

Мицкоски додаде дека секој ваков почеток не е добар само за компанијата, тој е добар за локлната заедница, добар за националната заедница, добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.

-Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во кој трудот се исплатува, земја во која инвестицијата има смисла, земја во која институциите се партнери на бизнисот не прачка туку поддршка, потенцира Мицкоски.

Во продолжение интегрално обраќањето на премиерот Мицкоски:

„Резултатите што ги постигнавме покажуваат дека како Влада имаме јасна економска насока.

Бруто- домашниот производ во првиот квартал од годинава порасна за 3,2 проценти иако многу земји во рамките на ЕУ се во рецесија. Странските директни инвестиции минатата 2024 година стигнаа ниво од 1 милијарда и 255 милиони евра. Извозот во првите 5 месеци од оваа година е 3,15 проценти поголем споредено со истиот период лани. А, индустриското производство, само во мај, бележи раст од 9,4 проценти. Што ќе каже дека во првите два месеци од вториот квартал, април и мај, трговскиот дефицит е намален за околу 80 милиони долари споредено со истиот период минатата година.

Ова се показатели што го говорат најважното- дека државата е стабилна, дека економијата е активна и дека иднината се гради денес.

Свесен сум дека граѓаните се соочуваат со потешкотии. Свесен сум дека се потребни брзи и коренити промени. И токму затоа, секој ден со целата енергија што ја имаме работиме за тие промени да се случат- реално, одлучно и без одложување.

Ова е борба што ја водиме со срце. Се бориме за секое ново вработување. Се бориме за секој денар повеќе во домашната економија. Се бориме за секоја шанса што може да донесе стабилност и достоинство за граѓаните.

Ние не чекаме инвестиции- ние ги бараме, ги поддржуваме и ги заслужуваме.

Ние не зборуваме за можности, туку ги отвораме.

Ние повикуваме на промени и таквите промени ги реализираме.

Денешниот ден е уште една потврда дека се движиме напред. Секој ваков објект е порака дека имаме капацитет, има луѓе што знаат да работат и има Влада што знае да ги препознае вистинските приоритети.

Ќе продолжиме по истиот пат- со енергија, со одговорност, со упорност.

Ќе продолжиме да ги градиме темелите на промените.

Затоа што доаѓа времето на Македонија.

И тоа време не е утре. Тоа време е сега.

Ви благодарам.“

Најнови вести од: Бизнис

Ќе излезе ли Германија конечно од економската криза?!

Германија е во продолжена рецесија од крајот на 2022 година, а за 2025 година се очекува само симболичен раст од околу 0,1 процент. По години стагнација и пад, германската економија влегува во 2026 година со високи очекувања, но и со намален оптимизам кај економистите. Иако сè уште се очекува растот да се врати, прогнозите покажуваат дека тој ќе биде побавен и послаб отколку што претходно се веруваше.

Гувернерот Трајко Славески очекува пад на инфлацијата на 2,5%

Оптимистички прогнози на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Според она што го изјави, Славески очекува економскиот раст во 2026-та да биде речиси 4 проценти. Според него јавните инвестиции во патната и во железничката инфраструктура, како и инфраструктурните проекти на локално ниво, ќе имаат важна улога во поддршката на економскиот раст.

Што е со компаниите кои не исплатиле регрес за годишен одмор, односно К-15?!

Во 2025-та бил исплатен регрес за годишен одмор во вредност од околу девет милијарди 212 милиони денари. Завршил на сметката на над 455 илјади 680 работници. Но сепак дел од вработените на кои им следува не добиле пари. Се обратиле во трудовиот инспекторат, оттаму звелат се постапува по пријавите, работодавачите добиваат опомени, ако не ја завршат обврската им се заканува казна.

Паѓа невработеноста во Македонија – Во кои градови има најмногу невработени?!

Статистиката покажува дека и понатаму најмногу граѓани кои бараат или чекаат работа преку Агенцијата се лицата кои се пријавуваат од 5 до 7 години, и во оваа група има дури 23002 лица кои се пријавуваат за невработени. Следна е групата на граѓани кои пак бараат работ над седум години, односно 8 и повеќе години, и тука има пријавено 12. 938 лица кои се невработени. 

(Видео): Дури 25% од возилата во Европа имаат вградени делови произведени во Македонија

Како членка на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, „Џонсон Мети“ е активно вклучена во иницијативи насочени кон подобрување на извозот, проширување на регионалната соработка и создавање образовен систем усогласен со потребите на бизнисот, како и во промовирањето на политика „нула“ толеранција на корупцијата, креирање мерит систем и јакнење на одговорноста.

Трошоците за живот за еден месец пораснале за 0,4%, на што се должи тоа и ќе има ли затворање на дуќани?!

Властите веќе посочија дека нема да носат краткорочни мерки кои ќе ја зауздаат инфлацијата која е двојно повисоко од речиси половина држави од ЕУ со образложение дека ад-хок мерки не даваат резултати на долг рок.

To top