Бизнис

Славески: Штедењето е системска неопходност за одржлив раст и стабилност

Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат, истакна Славески

„Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност“, порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.

Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем. „Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.

Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.

Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.

„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

Најнови вести од: Бизнис

Во кои земји трошокот за домување е сериозен товар?!

Во овој индикатор, Евростат ги вклучува киријата или каматата за станбен кредит, трошоците за вода, електрична енергија, гас и греење, како и осигурувањето, одржувањето, поправките и поврзаните даноци. Отплатата на главницата на станбениот кредит не е вклучена.

Kупувањето производи преку кинеските платформи е поскапо за граѓаните на ЕУ – од сега се плаќа и посебна такса

Доколку купувачот нарача маица, паричник, слушалки и шише вода во една пратка, само 12 евра ќе одат на фиксната царинска давачка, односно три евра за секој артикл.

Народна банка: Случувањата во Србија не влијаат автоматски врз Алта банка Битола

Одземањето на дозволата за работа на Алта банка од страна на Народната банка на Србија, не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола, соопштија од македонската Народна банка.

Колку милијарди евра чуваат граѓаните в банка и покрај инфлацијата?!

Заклучно со септември граѓаните и компаниите заедно во банките должат вкупно 9,87 милијарди евра, а поединечно граѓаните должат 4,93 милијарди евра, а компаниите е 4,90 милијарди евра. Компаниите и граѓаните во септември во банките имале депозити во вкупен износ од 11,15 милијарди евра. Од нив на граѓаните се 7,50 милијарди евра.

To top