Бизнис

Собраниска кавга – За опозицијата буџетот не ја отсликува економската реалност, за власта тој е одраз на визија

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, на седницата на Собранието изјави дека Буџетот за 2026 година е изграден врз реални економски показатели, а проектираните приходи се „целосно остварливи“. Според него, очекуваното зголемување на приходите се должи на подобрената наплата на царини и концесии, како и на засилените активни мерки за вработување, кои бележат рекорден интерес кај граѓаните.

Со серија меѓусебни обвинувања помеѓу пратениците од власта и опозицијата, како и критики во врска со економските политики, степенот на реализација на капиталните инвестиции и третманот на ранливите категории граѓани, во Собранието продолжи 73. седница на која се расправа за Предлог-буџетот за 2026 година.

Во своето обраќање пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Сања Лукаревска, презентирајќи ги забелешките за Предлог-буџетот за 2026 година оцени дека официјалните бројки не ја отсликуваат целосно реалната состојба на пазарот, нагласувајќи дека поскапувањата продолжуваат да го притискаат семејниот буџет на граѓаните.

Нагласи дека економската реалност е почувствувана најмногу од граѓаните и посочи на ниската реализација на капитални инвестиции повикувајќи се на информациите објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

  • Инфлацијата од 4 проценти во ноември, велите, цените на мало пораснале за 3 проценти. Значи, ако некој од овде во салата не бил во маркет, тоа е негов проблем да види дека цените постојано галопираат. Во делот на реализација на капитални инвестиции, ако ние лажеме, веб-страницата на Министерството за финансии не лаже. Таму стои каква е реализацијата на капиталните расходи, рече Лукаревска.

Според неа, извештаите покажуваат сериозни задоцнувања во спроведувањето на голем број планирани инфраструктурни проекти и дека Владата не успева да ја реализира капиталната компонента на буџетот согласно проекциите. Како аргумент го наведе и проектот „Бехтел и Енка“, за кој, како што рече, претходно имало обвинувања за сомнителни постапки, а неколку години подоцна сѐ уште се дискутира за реалните километри изведена работа.

  • Рековте дека го читате и извештајот на Европската комисија, меѓутоа да не го читаме половично. Реални километри од проектот Бехтел и Енка, оној истиот за кој велевте дека е криминален, а за капитални проекти, мислам дека сите се сеќаваат на најголемиот „Скопје 2014“ … Избегнувате да одговорите на прашањето кога ќе се зголемат платите, минимална и просечна, бидејќи во регионот сме последни. Имаме ново задолжување од 1,7 милијарди евра, а јавниот долг галопира, рече Лукаревска.

На обраќањето од Лукаревска, реплицираше пратеничката од владејачкото мнозинство Билјана Кузмановска, која на тезите од опозицијата возврати со „наместо да критикувате треба да застанете исправено и да ѝ објасните на јавноста зошто ја доведовте Република Македонија до ова дереџе“.  Понатаму, таа се осврна кон политиките за студентите и ја обвини опозицијата дека ги изневерила очекувањата на младите, за што, според Кузмановска, граѓаните веќе пресудиле за работата на опозицијата.

  • Ги излажавте студентите за ваучерите, им ветувавте, а потоа кажавте дека немало пари. А сега може да има пари. Оваа Влада ќе додели 55.000 ваучери; досега се доделени 33.682 ваучери со вредност од 15.300 денари, затоа што знае дека младите не се статистика, туку приоритет во оваа држава, рече Кузмановска.

Со критика кон претходната власт, пратеничката ја отвори и темата за пензискиот систем посочувајќи дека пензиите во минатото пораснале само 180 денари.

  • Велите дека се појавува дупка во Пензискиот фонд. Па вие ги излажавте пензионерите. Во ваше време им велевте дека пензиите максимум можат да порасенат 180 денари годишно. 180 денари за цела година. Со тој раст пензионерите тогаш можеа само кафе да си купат, и тоа ако е на акција, рече Кузмановска, посочувајќи дека за година и пол со сериозна и одговорна политика, пензиите се зголемени за седум илјади денари.

Според пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, Буџетот за 2026 година не е само бројка туку одраз на визија, стратегија и одговорност кон граѓаните и идните генерации, посочувајќи дека истиот е насочен кон стабилност, раст и развој.

  • Со реален раст на БДП од над 3,8 проценти, со намалување на инфлацијата и одржливо ниво на јавен долг, државата покажува дека води стабилна и одговорна фискална политика. Особено важно е што капиталните инвестиции понатаму остануваат еден од најсилните столбови на овој Буџет. Се инвестира во модерни патишта, железничка инфраструктура, енергетска ефикасност и регионален развој, појасни Јамалов.

Во Буџетот за 2026 година, Јамалов рече дека посебно внимание е посветено на земјоделството, локалниот развој и рамномерната распределба на средствата, со што секоја општина и секој регион ќе имаат можност да учествуваат и придонесуваат во заедничкиот развој на државата. Вака концепираниот Буџет за 2026 година, Јамалов заклучи дека ја потврдува определбата на Владата за фискална дисциплина, отчетност и транспарентност, стабилни јавни финансии и јасна насока кон европскиот економски модел на развој.

Пратеникот од редовите на Европскиот фронт, Сали Мурати, пак, рече дека по детална анализа на Предлог-буџетот за 2026 година и по одбивањето на 100 амандмани од Европскиот фронт, одговорно тврди дека Буџетот е нереален, фиктивен, селективен и дискриминаторски кон заедниците, особено кон турската заедница.

  • Планирани се приходи од 374,9 милијарди денари, а расходи од 414,2 милијарди денари, што резултира со дефицит од околу 40 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП. Овој дефицит е за половина процент над она што е дозволено со нашите фискални правила, кои дозволуваат до 3 проценти. Имаме 3,5 проценти, а според европските критериуми разликата е 1 процент. Но, тоа не е најлошото во овој буџет. Најлошото е што овие бројки се изградени врз нереални основи. Владата проектира раст на даночни приходи од 6 проценти, при што приходите од данок на добивка треба да пораснат фантастични 14,1 проценти, рече Мурати и праша кои се тие компании кои што ќе остварат таков профит во услови на глобална економска и енергетска криза.

Пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, истакна дека буџетот е изготвен врз основа на реални економски  показатели и дека проекциите на приходната страна се остварливи. Станковиќ посочи дека  растот на планираните приходи е резултат на подобрена наплата на царини и концесии како и на позитивните трендови кај активните мерки за вработување.

  • Првата работа околу буџетот кога го анализираме и гледаме треба да ја видиме  приходната страна, значи се предвидува еден буџет од 374,9 милијарди денари и е за 6 проценти поголем од средствата кои предвидела државата да ги собере во буџетот во  2025 година. Сметам дека овие средства се реални да се соберат, земајќи ја во предвид 2025 година, каде што имавме сериозно зголемување на наплатата на царини, концесии, пред неколку дена се случи една позитивна вест а тоа е видовме каков е интересот на граѓаните за сите оние мерки кои ги предвидува Владата  за самовработување, 6045 апликанти тоа значи дека во наредната 2026 година по основ на вработување можеме да очекуваме поголеми приливи, тоа ни дава за право дека овие средства кои ги предвидува Владата на Република Македонија се остварливи, рече Станковиќ.

Нагласи дека Владата активно работи на сузбивање на сивата економија, истакнувајќи дека се спроведуваат активности со цел да се намали загубата на јавни приходи и да се зголеми финансиската дисциплина.

  • Втората работа, веќе се работи сериозно на намалување на  сивата економија, огромни средства од 600 до 700 милиони евра на годишно ниво се одлеваат на сивата економија. Мораме да ја сузбиеме сивата економија и оваа Влада прави сериозни напори за сузбивање на сивата економија. Првата работа воведувањето на е-фактурата е една од тие мерки којашто ни овозможува да ја контролираме сивата економија во државата. Второ институциите почнуваат да даваат резултати, вели Станковиќ.

Собраниската расправа ќе продолжи утре во 11 часот во големата пленарна сала „Македонија”.

Најнови вести од: Бизнис

Народна банка: Нето надворешниот долг на земјата намален за 106 милиони евра во третиот квартал од 2025 година

Во текот на третиот квартал од 2025 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е намалена за 250 милиони евра и изнесува 8.738 милиони евра, што претставува 52,7% од проектираниот БДП за 2025 година.

Фондот за иновации повторно работел без програма, си терал по старо – Владата рече „стоп“

Со донесувањето на Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво на 29.07.2025 година се формира Агенција за иновации, научнотехнолошки развој и претприемништво, како правен наследник на Агенција за претприемништво и Фонд за иновации и технолошки развој, со што престанува да постои Фонд за иновации и технолошки развој.

Македонија в година издава еврообврзница за одржување на стабилноста на финансиите на долг рок

Еврообврзницата која што е предвидено да се издаде на меѓународниот пазар следната година ќе биде поделена во два дела од по 500 милиони евра со различен рок на доспевање. Ова го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која посочи дека целта на издавање на еврообврзницата во два дела со доспевање во различен временски период е да се одржи стабилноста на јавните финансии на долг рок и да се обезбеди ликвидност за сервисирање на обврските што доспеваат.

Проблем со новите Шенген правила – Транспортерите бараат решение до 15 јануари или ќе блокираат граници

Со месеци, здруженијата очајно се обидуваат да ги убедат европските власти дека новите шенгенски прописи се неприменливи за професионалните возачи од трети земји. Тие стравуваат дека возачите и нивната стока би можеле масовно да бидат одбиени на границите во иднина.

Платите да растат сега и веднаш, бараат синдикатите – инфлацијата не била поради ниските работнички плати

Синдикатите најавија протести и штрајкови ако не се покачи минималецот, вели Слободан Трендафилов од ССМ. Според него, работниците се попродуктивни од тоа што работодавците сакаат да прикажат. Тој зборува и за разликите во потрошувачките кошници на власта и синдикатот, платите во плико, одливот на работници во соседството.

(Видео): ССМ И КСС од јануари заедно на протести за повисок минималец – законското усогласување ќе биде во март

На дебатата се отворија многу теми меѓу кои владината потрошувачка кошничка која нема да се објави во јануари, а со која требаше да се пресмета колку пари се потребни за едно четиричлено домаќинство да го преживее месецот. Како и за стандардот и куповната моќ на граѓаните. Но и за тоа дека во февруари ќе растат функционерските плати за 200 до 250 евра.

Како ќе растат платите во Европа во 2026 година?!

Покрај Велика Британија, другите големи западноевропски економии, како што се Шпанија и Холандија, се очекува да продолжат да заостануваат зад регионалниот просек. Во извештајот се забележува дека, и покрај намалувањето на инфлацијата, овие земји продолжуваат да се соочуваат со бавен раст на продуктивноста, тесни фискални услови и претпазливост на работодавачите во однос на долгорочните обврски за плати.

To top