Бизнис

Узунчев: ЕСМ заштедува осум милиони евра преку реструктуирање на проектот Александрополис

Во периодот од 12.03.2021 до крајот на 2023 година, Владата која е основач на АД ЕСМ – донела одлуки со кои овозможила носење на соодветни одлуки од тогашниот Управен одбор и потврдени од тогашниот Надзорен oдбор на компанијата, за склучување на договори со Гастрејд С.А, Р Грција, за користeње на ЛНГ терминалот и закупување на капацитет за времетраење од  15 години, без да има право да го раскине таквиот договор, за фиксно утврдени количини на гас од 4,95 гигават часови на ден (GWh/ден) или 1,8 терават часови (TWh) годишно.

АД ЕСМ ќе заштеди околу 8 милиони евра откако Управниот одбор на компанијата испреговара анекс на договорот со „Гастрејд“ – операторот на терминалот за течен гас во Александрополис. Со оваа клучна спогодба се става крај на целосно непродуктивните трошоци за закуп на капацитет кој компанијата до сега немаше можност да го користи, со што директно се заштитува буџетот на државната компанија за производство на електрична енергија, вели генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

  • Патот до оваа спогодба бараше интензивни преговори и цврста аргументација од страна на нашиот Управен одбор. Успеавме да постигнеме договор со „Гастрејд“ за потпишување на Анекс со кој се поместуваат роковите на плаќањата за закупот. Согласно досегашните одредби од договорот, АД ЕСМ беше обврзана на месечен закуп од над 250 илјади евра, средства што редовно ги подмирува од октомври 2024 година, истакна Узунчев.

Потсети дека во периодот од 12.03.2021 до крајот на 2023 година, Владата која е основач на АД ЕСМ – донела одлуки со кои овозможила носење на соодветни одлуки од тогашниот Управен одбор и потврдени од тогашниот Надзорен oдбор на компанијата, за склучување на договори со Гастрејд С.А, Р Грција, за користeње на ЛНГ терминалот и закупување на капацитет за времетраење од  15 години, без да има право да го раскине таквиот договор, за фиксно утврдени количини на гас од 4,95 гигават часови на ден (GWh/ден) или 1,8 терават часови (TWh) годишно.

  • Согласно условите од 2023 година кои се сè уште актуелни, било која количина на гас која ќе биде пренесена преку терминалот во Александрополис, за да стигне во државава – мора да помине низ рутата која води низ Бугарија и предвидува АД ЕСМ да има закупено преносни капацитети низ истата. За жал, од причини кои се опфатени со кривичната пријава, што за овој проект новото раководство на АД ЕСМ минатата година ја достави до Управата за финансиска полиција и Одделот за криминалистичка полиција,  на годишните и на кварталните аукции не бил закупен комплетен преносен капацитет од терминалот до Република Македонија. Заради некомплетна рута на преносен капацитет и неможност за влез на евентуално набавениот ЛНГ во земјава, тогашниот УО на АД ЕСМ на почетокот на 2024 година, донеле одлука да не се преземаат активности за набавка на гас во рамки на овој проект – појасни Узунчев.  

Досегашната финансиска штета на АД ЕСМ настаната заради пропустите на минатата Влада и минатото раководството на компанијата, како што кажа, изнесува преку 7 милиони евра од кои 4 милиони евра за закуп, заклучно со јануари 2026 година и 3 милиони евра за закупени нефункционални капацитети на дел од рутата кон Македонија.

  • Клучниот механизам во Анекс договорот е воведување на мораториум за користење на терминалот во период од 30 месеци. Тоа нѐ води точно до првата гасна година од која сметаме дека ќе може оптимално и ефикасно да се искористат количините од капацитетот на закупениот терминал. Нашата цел е тие количини да бидат наменети исклучиво за задоволување на реалните потреби за гас на АД ЕСМ. Дополнително, направивме целосно репрограмирање на обврските, со што количините во иднина ќе се адаптираат флексибилно, соодветно на нашиот развој – потенцира Узунчев.

Најави дека компанијата следната недела ќе добие грант од Светска банка за изградба на гасната електрана РЕК Битола 1 за која планира да ги троши предвидените количини на гас од терминалот во Александрополис.

  • Во АД ЕСМ изминатиов период работиме со полна пареа на развој на проекти за изградба на Комбинирани гасни електрани. Тоа е нашиот одговор на глобалните барања за енергетска трансформација и планот со кој постепено ќе го замениме јагленот. Можам да најавам дека веќе наредната недела, компанијата ќе потпише Грант со Светска Банка во износ од 2,4 милиони долари. Овие средства се наменети директно за проектот за гасна електрана „РЕК Битола 1“, која ќе се гради во кругот на постојните термоелектрани „Битола“- нагласи Узунчев.

Посочи дека средствата од грантот ќе бидат целосно насочени кон комплетна и детална подготовка преку изработка на потребните студии, подготовка на проектот и подготовка на тендерската документација за изведба на изградбата на новата гасна електрана РЕК Битола 1.

  • Штом заврши таа фаза, веднаш ќе распишеме јавен повик по строгите правила на Светска банка, со кој ќе се бара изведувач на изградбата- рече Узунчев и додаде дека Проектот „РЕК Битола 1“ на гас предвидува инсталиран капацитет  помеѓу 250 и 300 мегавати (MW), а целосната реализација на овој мега-проект се очекува да заврши до 2030-2031 година, што секако ќе зависи и од времетраењето на самите тендерски постапки.

Воедно најави дека се планира и конвертирање на ТЕЦ Неготино во гасна електрана, која  со децении работи како ладна резерва на мазут, кој е скап и нееколошки енергенс.

  • ТЕЦ Неготино е наш голем приоритет. Стручен тим на АД ЕСМ во моментов интензивно го развива проектот за конвертирање на ТЕЦ Неготино во гасна електрана. Нашата намера е овој капацитет целосно да го модернизираме и да го прилагодиме на гас како погонско гориво. Доколку сè оди според предвидената динамика со изработката на студиите за оправданост и за заштита на животната средина, како и  подготовката на проектот, очекуваме оваа електрана да биде целосно адаптирана на гас во наредните 5 до 7 години. Со тоа, мазутот заминува во историјата, а Македонија добива уште еден стабилен и модерен столб во енергетскиот систем со инсталиран капацитет помеѓу 300 и 400 мегавати (MW) – потенцира Узунчев.

Најнови вести од: Бизнис

ЕУ повика Македонија да се усогласи со политиките за критични суровини

Македонија сè уште треба да се усогласи со Директивата за критични суровини, како и да изготви и усвои соодветна легислатива за да се интегрира во синџирот на вредности на ЕУ за критични суровини, пишува во последниот Извештај на Европската комисија посветен на земјава.

Македонија се подготвува за енергетска транзиција: Регулативата е веќе дефинирана, а ЕВН досега инвестираше 850 милиони евра

Во земјава дел од корисниците веќе имаат паметни броила, а во нивно инсталирање компанијата инвестирала 45 милиони евра, како и дополнителни 28,3 милиони евра во опрема. Планирано е до крајот на 2030 година во проекти од ваков тип да се инвестираат уште 40 милиони евра.

Европската комисија ги потврдува отпорноста на банкарскиот сектор и јакнењето на финансиската стабилност

Во Извештајот за нашата земја за 2026 година Европската комисија го оценува банкарскиот сектор како отпорен, со солидна капитализираност, квалитет на кредитното портфолио и профитабилност. Воедно, се нотираат активностите на Народната банка за зајакнување на финансиската стабилност и усогласување со европските стандарди.

Златен медал за „Kumova Reserve“ на „Spirits Selection by CMB“ – традицијата и врвниот квалитет на „Тиквеш“ со меѓународно признание

Винарската визба „Тиквеш“ продолжува да го потврдува квалитетот на своето портфолио со ново значајно меѓународно признание. Лозовата ракија „Kumova Reserve“ освои златен медал на престижниот „Spirits Selection by Concours Mondial de Bruxelles“, натпревар кој секоја година обединува врвни производители и експерти од светот на жестоките пијалаци.

Инфлацијата повторно ја тресе Европа, во повеќе држави цените пораснале над 5%

Додека Европа повторно се соочува со забрзување на инфлацијата, а во шест земји од еврозоната годишното поскапување достигнува или надминува пет проценти, македонската статистика на прв поглед дава сосема поинаква слика – инфлација од нула проценти. Но дали тоа значи дека цените во Македонија престанале да растат или дека зад една статистичка бројка се крие многу посложена економска реалност?

To top