Бизнис

(Видео): Централното банкарство во услови на постојани светски промени: Поттикнување стабилност, иновации и издржливост

Во своето обраќање, гувернерот Трајко Славески нагласи дека стабилизираната инфлација, солидните девизни резерви и стабилниот банкарски систем овозможуваат поголема отпорност и поголема можност за реакција на централните банки на нoвите светски предизвици.

Изминатите неколку години, централните банки успешно се справија со неколку сериозни и последователни шокови, успевајќи да ја смират инфлацијата, но и да ја одржат и да ја зајакнат финансиската стабилност. Сепак, неизвесноста во светски рамки сѐ уште е исклучително висока, поради постојаните геополитички тензии, трговските војни, како и поради брзиот пробив на новите технологии, коишто покрај низата предности, носат и одредени ризици.

Неодамнешното избувнување на војната на Блискиот Исток значително го нарушува светскиот контекст, создавајќи ризици за повторен раст на светската инфлација и за влошување на економските изгледи во светот. Во вакви услови, централните банки и натаму треба да бидат фокусирани на одржувањето на ценовната и на финансиската стабилност, покажувајќи ја способноста за соодветно справување со можните шокови. Напоредно со ова, сѐ побројните дигитални иновации и пробивот на вештачката интелигенција ги трансформираат финансиските системи, коишто се обидуваат да воспостават рамнотежа меѓу поддршката од технолошкиот напредок и одржувањето на стабилноста.

За ова се зборуваше на почетокот на Меѓународната конференција на високо ниво, во организација на Народната банка, во соработка со Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF  – The European Money and Finance Forum) на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“.

Конференцијата ја отвори гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, а воведно обраќање имаше и премиерот Христијан Мицкоски.

Во своето обраќање, гувернерот Трајко Славески нагласи дека стабилизираната инфлација, солидните девизни резерви и стабилниот банкарски систем овозможуваат поголема отпорност и поголема можност за реакција на централните банки на нoвите светски предизвици.

  • „Инфлацијата во регионот на Западен Балкан е значително намалена, од околу 15%, во просек, во 2022 година, на приближно 3,6% на крајот на 2025 година, при што процесот на дезинфлација е постигнат без предизвикување рецесија или нарушување на финансиската стабилност. Ова е резултат на навремените и координирани мерки на централните банки, насочени кон стабилизирање на инфлациските очекувања. Покрај ова, кај нас, нивото на девизните резерви е зголемено за околу 70% во однос на претпандемичниот период, при што тие обезбедуваат добри услови за ублажување на надворешните шокови и за поддршка на стабилноста на девизниот курс“, истакна гувернерот Славески, посочувајќи дека банкарскиот сектор во регионот ја задржа стабилноста, а неговата отпорност е зголемена, со високо ниво на капитална адекватност од 19,4% и ниско учество на нефункционалните кредити од 2,8%. 

„Овие показатели укажуваат на солидна основа за справување со потенцијалните ризици со внимателно осмислени политики. Стабилноста мора да биде нашето сидро и во услови на светски промени“, истакна гувернерот нагласувајќи ја потребата од кредибилни политики и силни институции за справување со идните предизвици.

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето излагање, посочи дека живееме во време на длабоки и брзи светски промени, во кое економските текови, финансиските пазари и безбедносните предизвици се испреплетуваат повеќе од кога било досега, при што улогата на централното банкарство станува уште поважна – не само како чувар на ценовната стабилност, туку и како столб на довербата, стабилноста и на економската отпорност.

  • „Отпорноста е клучниот збор на нашето време. Отпорност значи способност да се издржат шоковите, но и да се излезе посилен од нив. Тоа значи диверзификација на економијата, стабилни јавни финансии и доверба во институциите. Централните банки се во срцето на оваа отпорност. Гувернерите мора да ги почитуваат законите и да бидат дел од движечката сила. Денес, повеќе од кога било, ни е потребна координација меѓу централните банки, владите и меѓународните партнери. Светските предизвици бараат заеднички одговори. Само преку соработка можеме да изградиме систем којшто ќе биде стабилен, иновативен и подготвен за иднината“, истакна премиерот Мицкоски.

Во рамките на Конференцијата се одржуваат повеќе панел-дискусии посветени на макроекономските политики и справувањето со кризи, дигитализацијата и иновациите во финансискиот систем, како и финансиската стабилност и макропрудентните алатки.

На настанот учествуваат гувернери, претставници на централните банки и на меѓународните институции.

Најнови вести од: Бизнис

Гувернерот Трајко Славески нема да поднесе оставка

Од Народната банка одговорија дека предлозите за вицегувернери се доставени до Собранието по завршување на јавниот повик и во согласност со законските процедури и ги отфрлија тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери.

„Кит-Го“ маркетите одат во историја со досегашното име, ги презеде „Spar“

Spar интерес за влез во Македонија имаше и пред почетокот на ковид-пандемијата. Основан уште во 1932 година во Холандија, SPAR прерасна во глобален бренд присутен во околу 48 земји со преку 13.900 продавници ширум светот. Се издвојува од другите посебно по локалните адаптации на секоја продавница во заедницата каде што работи.. За разлика од големите централизирани синџири, SPAR функционира преку лиценцирани партнери и независни оператори, што значи дека секоја продавница е во состојба да одговори на специфичните потреби на својата локална популација.

Поради зголемената неизвесност на Блискиот Исток: Народна банка реши каматна стапка да остане непроменета

Народната банка нагласува дека надворешните ризици се особено изразени поради неизвесноста околу интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток.

Просечната плата во јануари 46.617 денари, кои работници се најплатени во моментов?!

Најниски плати имаат вработените во секторот производство на кожа и кожни производи со 29.670 денари, производство на облека со 29.791 денар и рибарство и аквакултура со 29.794 денари, при што овие примања се неколкукратно пониски од највисоките во земјава.

Спречивме поскапување на горивата, велат од Министерството за енергетика

Според надлежните, Македонија во моментов останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, а приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата.

To top