Извори од истрагата рекле дека имаат сигурни докази дека 25-годишниот Т.Б. од село Драгоманце е извршител на убиството на 78-годишната М.С од Старо Нагоричане. Се совпаднале ДНК анализите кои биле пронајдени на лице место, со неговите примероци. Други детали не се откриваат, како ни тоа дали е утврдено дали тој ги силувал жртвите. Мештаните на терен раскажуваа дека неколку жени биле пронајдени мртви во своите домови и биле полуголи. Една од нападнатите која преживеала, тврдеше дека се обидел и да ја силува. Обвинителството се посомнева за уште еден случај на почината помлада жена во нејзиниот дом, па нејзиното тело беше откопано и дадено на обдукција. Од обвинителството официјално велат дека се земаат огромен број докази за да се расчистат сите настани.
„Осомничениот е обезбеден и во следните денови ќе следи негова психијатриска проценка од тим на експерти. До овој момент вештиот наод од извршената обдукција на ексхумираното тело не е доставен до јавниот обвинител. Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите“, соопштуваат од Основно јавно обвинителство Куманово.
Според неофицијалните информации на Телма, се истражуваат пет случаи на мртви повозрасни жени и еден обид за убиство. Сите се случиле некаде од летото лани, па сè додека беше уапсен осомничениот. Но, се отвори прашањето зошто никој не преземал ништо, и покрај тоа што Т.Б. важел за проблематичен, нападен, агресивен, уште како средношколец.
Телма дојде и до профилот на осомничениот сериски убиец од кумановско Старо Нагоричане на социјалната мрежа ТикТок, каде бил релативно активен. Од него може да се утврди дека станува збор за крупен 25-годишник кој се занимава со чување овци, а живеел во Драгоманце. Тој објавувал и детали од неговиот приватен живот, а на едно од видеата се гледаат и мајката и очувот со кои живеел, но и заедничка фотографија со останатите членови на семејството, односно децата на неговиот очув.
Последното видео кое го објавил е со датум од 9 февруари, ден пред да биде пронајдена последната негова жртва, 78-годишната Мира С. од Старо Нагоричане. По ова тој беше уапсен и ставен во притвор. За неа, пак, обвинителството тврдеше дека е убиена во периодот од 29 јануари до 10 февруари. Точниот ден не се знае, бидејќи таа живеела сама, а нејзините деца се во странство.
Во овој период осомничениот бил доста активен на ТикТок, речиси секој ден се снимал, а на едно видео симулирал дека го брка и полиција. Има и неколку видеа на кои наредил банкноти на масата, се фалел со парите, а обвинителството се сомневаше дека ги ограбувал жртвите.