Македонија

Ќе се утврдува кој и зошто дозволил детски настап со симбол на „голема Албанија“ на МРТВ2: во четврток точката пред Програмскиот совет

Директна провокација и навреда кон македонскиот народ и македонската држава

МРТВ ќе утврдува кој дозволил и зошто на вториот програмски сервис да се емитува детски настап со симболи поврзани со т.н. „голема Албанија“, откако „Скопје1“ објави дека во саботата во 11 часот беше прикажана песната „Trojet shqiptare“ („Албански територии/земји“), проследена со визуелни елементи што асоцираат на територијални претензии.

Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, во кратка изјава за „Скопје1“ посочи дека институцијата веќе постапува и дека ќе се утврди одговорноста.

„Се постапува согласно закон и внатрешните акти на МРТ. Штом заврши целата постапка ќе бидете информирани. Очекувам дека во четврток ќе имаме седница на Програмскиот совет кој е надлежен за вакви прашања“, рече Цветковски.

Од Програмскиот совет на МРТВ потврдуваат дека случајот ќе биде отворен на следната седница.

„Програмскиот совет ќе ја отвори оваа точка во четврток на седница. Согласно Деловникот и Статутот ќе постапуваме по своите надлежности“, велат од Советот за „Скопје1“.

Според информации на „Скопје1“, уредничката на вториот програмски сервис подолг период е на боледување, што отвора дополнителни прашања околу уредничката контрола и одговорноста за емитуваната содржина. Засега останува нејасно дали станува збор за прво емитување на овој детски фестивал на МРТВ2 или содржината претходно поминала без реакција.

Срам за МРТ на албански јазик: „Голема Албанија“ се промовира на детски фестивал преку македонски пари!

Во текстот на песната се пеат стихови: „Летај, летај, Албанијо, летај, знамето наше се издигнува над земјата“, по што следува порака за обединување: „Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“. Песната завршува со мотиви за слобода и опстојување, со порака дека народот ќе живее слободно.

Реакциите во јавноста се засилија поради визуелниот дел, каде беше прикажана мапа која опфаќа делови од Македонија, Србија, Грција и Црна Гора. Фактот што ваква содржина е емитувана на јавен сервис отвори дилема за границата меѓу културен израз и политичка симболика, особено кога станува збор за програма во која учествуваат деца.

Случајот сега се сели во институционална процедура, но суштинското прашање останува – како ваква содржина воопшто поминала низ филтрите на јавниот сервис.

Најнови вести од: Македонија

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top