Шефик Шеќиќ од Сребреник, познат во својот крај под прекарот Нуте, доживеал неверојатна и филмска судбина откако лекарите по грешка го прогласиле за мртов.
Сè започнало за време на Бајрам во 2024 година. Шефик станал рано наутро да ја отвори вратата од куќата, но одеднаш паднал и ги повикал децата. Брзата помош веднаш пристигнала, а лекарите им соопштиле на неговите најблиски дека состојбата е критична и дека тој најверојатно нема да преживее.
„Докторите им рекоа на децата да си одат дома, бидејќи умирам. Рекоа дека не можам да преживеам“, раскажува Шефик.
Семејството било во шок. Лекарите извлекле повеќе од пет и пол литри течност од неговото тело, по што Шефик бил пренесен во болница во Тузла, каде што, сметајќи дека е починат, го оставиле во мртовечница.
„Не ни знаев дека сум во Тузла. Лежев на носила завиткан во најлон. Кога се разбудив, прогледав и видов еден постар човек покрај мене, облечен во црно одело. Почнав да плачам и му реков: ‘Докторе, спаси ме’“, вели Шефик.
Во тој момент настанал хаос. Шефик, целосно гол, почнал да ги кине најлоните во кои бил завиткан и да трча низ болничките ходници.
„Јас така син, модар, ги фатив најлоните и почнав да ги кинам. Го прашав: ‘Си чул ли за Сребреник, за Нуте?’, а тој ми вели ‘Не сум’. Му реков: ‘Е, ќе чуеш за мене’. Ги искинав најлоните, а тој почна да бега“, раскажува тој со насмевка.
Целосно гол, Шефик избегал низ ходниците на болницата, оставајќи го медицинскиот персонал во шок. Веднаш побарал да го пуштат дома, а вработените брзо ги известиле неговите најблиски дека нивниот татко е жив.
„Барав да одам дома, тие им јавија на моите. Можеби два часа бев таму и мораа да ме пуштат“, завршува Шефик.
