Колумни

Аманетот на Петре М. Андреевски: Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест! – Да изградиме заедничка програма за Македонија!

Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, македонскиот книжевен гениј и патриот Петре М. Андреевски ќе нагласи: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

„Не дозволувајте некој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост!“ – кажа генијалниот книжевен идеолог на македонската национална кауза академик Петре М.Андреевски во својот „Македонски манифест“ од 2003 година. Деветнаесеттата годишнина од неговата смрт – на 25 септември 2006 година во Скопје, е уште една пригода за навраќање кон творештвото на овој книжевен растајнувач на индивидуалните судбини на македонскиот народ и на неговата колективна судбина, за судбината на „пирејот“, симболично поистоветувајќи ги Македонците и нивната непокорливост. Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева. … Племето наше е пиреј и не го ништи ниедна војска, ниедна болест.“ – ќе напише Петре.М.Андреевски“ во својот култен роман „Пиреј“ за животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и нивните страдања за време на војните, разработувајќи ги на маестрален начин својата основна идеја и порака дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува, наспроти сите премрежиња и тешкотии. Неговиот и наш, македонски „Пиреј“, еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна епоха, е вистински споменик на македонската национална бит.

Вкупното дело на Петре М.Андреевски претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и македонската национална самобитност. Но, тој и во други свои јавни истапувања ги искажуваше своите предупредувања до македонскиот народ и  своите видувања за опасностите, во кои се наоѓа. Така, „Македонскиот манифест“ на Андреевски од 2003 година е во апсолутна смисла послание на овој толкувач на маките на македонската душа до секое, но би се рекло особено до ова денешно македонско поколение да им се спротивстави на сите угрози на опстојот на Македонија, на македонската нација, на македонизмот како македонска национална идеологија и филозофија на слободата.

Покрај другото, во „Македонскиот манифест“ Петре М. Андреевски им порачува на своите сонародници – Македонците: „Браќа и сестри, бидете на штрек! Не срамете се од ништо што е наше. Презирајте ги оние, што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, што ги позајмиле од нас. Сите оние, што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. Браќа и сестри! Ние сме избраниот народ, кој го имаше и Божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки и кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува идејата и првиот образец за светска држава. Тука е основан и првиот универзитет во Европа. Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени, но не и победени воини.“

Петре.М.Андреевски, исто така, истакнува во својот „Македонски манифест“: „Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она одбрано место, на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме. Браќа и сестри! Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. И низ секој изгрев што нè осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто, нашето знаме е сонце, а тоа е најстариот оган, на кој се грееме.“

 

Денес, кога Бугарите, челниците на ЕУ и други странски емисари запнале по секоја цена, со ултиматуми, закани и диктати да го менуваат Уставот на суверена Македонија, еднакво е актуелен ставот на Петре М.Андреевски уште од 1993 година дека е најпотребно да да изградиме заедничка национална програма за Македонија во овој вителен политички момент во кој се наоѓа таа. „Наместо да градиме национална програма, во која Македонија ќе биде со консензус наша определба, ние им даваме готови решенија на соседите за нивните национални програми, во кои е вклучена и нашата земја. Сите нации се бранат самите себе, а нашава како се уште да се брани од самата себе, односно од самите нас. Ние сме народ, кој е најподложен да се уништува себе си, народ кој ги претпочита туѓите вредности над своите. Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат, и во исто време нѐ посакуваат. Како да не им е доволна нивната беда и како да не си се доволни самите себе. Во нас се уште некои гледаат монета за поткусурување. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење.“ – ќе укаже Петре М. Андреевски во интервју за тогашниот неделник „Пулс“ во октомври 1993 година;

„Грците имаат страв и срам од нас, што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како ‘Новоосвоени територии’. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. А Грција најмногу се прослави по нејзиниот пораз од Филип и Александар Македонски. Значи, како поразена земја. Таа сега е најголемиот противник на признавањето на Република Македонија. А Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија е и библиска земја, таа е постара и од Европа. А таа Европа денес, како некој пијан нунко, се мачи да не прекрсти, смислувајќи и го новото име…“ – дополнува нашиот врвен поетски творец во споменатото интервју.

Две години подоцна во интервју за весникот „Вечер“ овој бележит македонски книжевен деец ќе изнесе една забелешка, небаре како уште тогаш да ги гледал денешниве убедувачки „екскурзии“ на Урсула фон дер Лаен, Марта Кос, Каја Калас, Антонио Кошта, кои  им велат на Македонците „Уште само сега ставете ги Бугарите во уставот“, по што ќе им ги отворат „вратите на ЕУ-рајот“. „Голема контроверза се и белосветските политички манекени, кои секој ден дефилираат низ нашиот политички простор, … нудејќи ни решенија за се и сешто, таму каде што сме нерешителни. Тие исти мисионери … во секоја пригода ќе се залагаат македонскиот ум да го однесат на периферијата од актуелниот миг, кажувајќи ни дека сме мал народ, мултинационална заедница со граѓански устав, каде што Македонците стануваат само граѓани, а малцинствата ’национални етникуми’.“ – посочува Андреевски.

Во сличен контекст, во 1999 година на прашањето во какво време и каква земја живееме во интервју за весникот „Експрес“ тој ќе нагласи: „Гледајќи кој се доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција, и дека секој што доаѓа не прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина. Нешто слично не дозволува ниедна суверена држава.“

Во рамки на минатогодишните „Струшки вечери на поезијата“ при чествувањето на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски академик Влада Урошевиќ за него како поет и воопшто како книжевник ќе каже: „Тој успеа да навлезе најдлабоко во древноста на Македонија. Тргнувајќи од своето село, како од некое скриено јадро во кое се крие тајната суштина на цела една земја, Петре М. Андреевски ја слика во својата поезија картата на Македонија, чии поетски граници се далеку пошироки и посеопфатни од географските граници.“

Петре М. Андреевски e еден од најдаровитите и најпопуларните македонски поети, романописци, раскажувачи и драмски автори. Роден е во демирхисарското село Слоештица на 25 јуни 1934 година. Неговото книжевно творештво на Андреевски опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски и т.н. Македонската критика го прогласи романот “Пиреј“ како ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на вселенската љубов, химна на жената и татковината и како златна книга на македонскиот модернизам.Во мај 2000 година бил избран како редовен член на Македонската академија на науки и уметности. Почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Во 2007 година посмртно е одликуван со Орденот за заслуги за Македонија. 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Хрон ја објави „Народноста на македонските Словени“ 135 години пред Тито „да ги створи македонскиот јазик и народ“, што е бугарски фалсификат!

Австрискиот лингвист и македонист од чешко потекло Карл Хрон ја објави својата научна студија со наслов „Народноста на македонските Словени“ („Dаѕ Volksthum der Slaven Makedoniens“) во 1890 година во Виена, во тогашното Астроунгарско царство, цели 135 години пред „Тито да ги измисли Македонците како народ“ и пред „да им го создаде со наредба новоизмислениот македонски јазик“, како што тврди официјална Софија во своите фалсификати, депонирани и во ЕУ. Карл Хрон во својата студија со несоборлива научна објективност ќе ги образложи и ќе ги докаже самобитноста  и развојот на македонскиот народ и македонскиот јазик. Студијата на Карл Хрон „Народноста на македонските Словени“е своевиден пишан споменик за етничката и јазична засебност на македонскиот народ и таа допрва ќе задобива уште поголема важност за него во борбата за конечно и вистинско решавање на македонското национално и јазично прашање.

Оставнината на Марко Цепенков „втора македонска Библија“ и автентично сведоштво за македонскиот идентитет и јазик, за животот на нашите предци

Марко Костов Цепенков (Прилеп, 7 ноември 1829, Ореовец, Прилепско – 29 декември 1920, Софија) е најголем и најзначаен собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците. Денес се навршуваат 105 години од неговата смрт. Неговото дело е издадено во 10 томови и е повеќепати преобјавувано во Македонија. На научниот собир по повод 190-те години од раѓањето и 100-те години од смртта на Цепенков, кој го организираа Македонската академија на науки и уметности и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ на 4.11.2020 година, проф.д-р Ермис Лафазановски, тогаш како директор на Институтот за фолклор, истакна: „Во денешната меѓународна политичка ситуација, во која се наоѓаме, собраните материјали на Марко Цепенков сведочат за нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Неговата оставнина ние, Македонците, денес може да ја наречеме наша втора Библија. Како поинаку да се нарече неговото импозантно собирачко дело, во кое сме запишани сите ние, заедно со нашите предци и нашите идни поколенија? Во кое е запишано создавањето на нашиот свет и луѓето во него, нашите соништа.“

Ајде да им простиме на најдобрите меѓу нас – Пишува Драган Милосављевиќ

Мислам на писатели, актери, режисери, музичари, сликари, спортисти, научници чијшто успех не само дома туку и надвор е општо познат и признаен, но нивната репутација во ова општество е сериозно упропастена поради овие или оние причини

Коле Неделковски, поетот-револуционер, чиј глас одекнува силно и денес – 113 години од раѓањето

Коле Неделковски е човекот, кој ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. На денешен ден, на 16 декември 2025 година се навршуваат 113 години од неговото раѓање и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон творештвото и овој македонски национален и поетски деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и Кочо Рацин. Неговата бележита песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во во македонската книжевност. Таа е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, како тревожен поетски глас за неразбраното македонско минато, за македонската вистина. Творештвото на Неделковски се карактеризира со употреба на македонскиот говор особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Литературното дело на Коле Неделковски иако е скромно и по обем и по квалитет, сепак е мошне значајно. Основниот белег на  неговата поезијата е влијанието на народната поезија, а мотивите најчесто му се патриотски, исполнети со лиричност. Тој е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Коле Неделковски е поет-револуционер чиј глас сè уште одекнува силно и во оваа македонска сегашност.

Конески, генијот-посветеник на Македонската идеја, и неговиот аманет Македонците да си го вардат јазикот, својата „единствена неподелена татковина“

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993), генијот на македонската поезија и проза, академик, книжевен историчар, филолог и јазичар, творец на „Македонската граматика“, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, е еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик. Денес се навршуваат 92 години од неговата смрт и ова е пригода за ново навраќање кон неговото неизмерно книжевно и научно творештво, на неговата личност и кон непресушните врутоци на неговите јазични, поетски и национални посланија и завештанија до денешново и сите наредни македонски поколенија дека токму јазикот е она, што нѐ прави како македонски народ, различен од сите други народи во Балканот, Европа и светот. Во последната, претсмртна статија „Една ситуација и едно лично становиште“ Конески ќе истакне: „Денешниот однос на бугарските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Но, македонскиот јазик, и покрај сите викотници против него, од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, станува јазик, на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден народ, досега потиснат во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: ‘Пците лаат, карванот си мине!“

To top