
Пишува: Свето Тоевски
Унгарија става вето на преговорите за членство на Украина во ЕУ. Но Литванија ја повика Европската Унија да најде начин да го заобиколи унгарското вето. Литванскиот јавен радиодифузер ЛРТ објави дека во писмо, испратено до главните градови на ЕУ минатата недела официјален Вилнус ги повикал соседните земји да преземат „решителни чекори“, што би ја направиле кандидатурата на Украина „опиплива и неповратна.“ – извести Скај њуз. Литванија наводно предлага да започнат технички преговори за членство со Украина и Молдавија без вклучување на Унгарија, сè додека се согласат другите 26 земји-членки . Формалното одобрување би можело да дојде подоцна, ако Будимпешта го промени својот став. Формалните преговори за членство во ЕУ можат да започнат само со едногласна согласност на сите 27 земји-членки.
Планот „А“ на Брисел за Украина и планот „ШЉ“ за Македонија
Пред четири месеци во Лавов, во Украина, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас имаше изјавено дека „Европската унија подготвува план ‘Б’, ако Унгарија стави вето на пристапувањето на Украина во ЕУ“. „Европската Унија се надева на поддршка за членството на Украина од сите 27 земји-членки. Тоа е план “А’. Но ако не функционира, веќе работиме на план Б. Но, нема да го откријам. Сè уште сме во процес.“ – предупреди Калас, пренесе „Европска правда“.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија пред два дена на средбата со Герт Јан Копман, генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и источно соседство, ја потврди уште еднаш цврстата посветеност на Република Македонија кон евроинтеграцијата како еден од стратегиските приоритети во надворешната политика. Но дали и Европската Унија искажува цврста посветеност кон сопствените Копенхагенски принципи за проширување и кон еднаков пристап на сите земји-кандидатки за влегување во „елитниот европски клуб“? Или ЕУ посветува „цврста посветеност“, пред сѐ, кон Украина да ја внесе во своите редови, заради сопствени геополитички интереси?! Да влезе Украина во ЕУ, иако е во состојба на војна и има со своите соседи нерешено купишта соседски спорови и проблеми? А Накедонија мора првин да ги реши таквите свои „спорови“ и „проблеми“, кои ѝ ги наметна Бугарија, за да може дури потоа да „потропа“ на „европската порта“. Но, новокомпонираните „растегливи“ критериуми на лицемерен Брисел не важат за Украина.
Зошто Европската Унија не наоѓа начин да ги заобиколи заканите на Бугарија со ново вето кон Македонија за почеток на преговорите за членство, како што се подготвува да се направи за ветото на Унгарија кон Украина? ЕУ не може, или не сака да го стори ова и во случајот на Македонија? Зошто толку на ЕУ ѝ станало важно Македонија да си го менува својот устав и зошто целосно стои на позициите на официјална Софија, а ги отфрла позициите на официјално Скопје? Кажано со речникот на Каја Калас, дали на официјален Брисел „план А“ му е само запазувањето и оживотворувањето на интересите на Бугарија, бугарскиот државотворен народ да влезе во македонскиот устав? „Промена на уставот, ништо повеќе и ништо помалку.“ – како што веќе има кажано и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Значи ли дека за Македонија ЕУ има само план „ШЉ“?
Нејсе, голема работа што Македонија веќе 20 години чека во „еврочекалницата“, важно е за Брисел да ја држи Македонија во ситуација на „цврста посветеност кон евроинтеграцијата“. На европските челници им е важно Македонија да пројавува „стопроцентна усогласеност со заедничката европска безбедносна и надворешна политика“, но ова многу наликува како на „стопроцентна послушност“ кон Брисел, иако има редица моменти кога е тоа на штета на македонските државно-национални интереси.
Како може да постои „европски пат“ за Македонија, штом самата ЕУ е на распаќе, не знаејќи накаде да продолжи, кога е внатрешно дезориентирана и расцепена од длабоките внатрешни поделби?
Можат ли европските челници да гарантираат дека нема да се случи нова измама, претпоставено, и да се смени уставот, па да кажат оти Македонија ќе влезе во ЕУ, кога-тогаш? Или ќе влеземе на „Свети Никогаш“? Хрватскиот претседател Милановиќ веќе двапати кажа јасно пред европската и светска јавност дека Брисел игра играчки со Македонија и оти се обидува пак да ја измами. „Немојте да дозволите да бидете жртва на уцени и изнуди кога е во прашање членството во ЕУ. Државите се измамени со лажни ветувања дека ќе станат членки на ЕУ, со цел да се постигнат некои отстапки од нив. Ниедна земја нема повеќе да влезе во ЕУ, освен можеби Црна Гора. Македонија нема да пропадне, ако не влезе.“ – прецизираше искрено и пријателски кон Македонија шефот на хрватската држава Милановиќ летово во две одделни пригоди.
Што се однесува до Европската Унија таа од поодамна се наоѓа на крстопат, во ситуација кога нејзините челници веќе не знаат кој е вистинскиот пат, по кој треба да се движи оваа асоцијација на европски држави. Оттука станува се повеќе бесмислен и неодржлив и изразот „европскиот пат на Македонија“. Угледниот германски политиколог Волфганг Штрек во една колумна, објавена пред неколку месеци, ќе ја означи Европската унија како „Европски раскол“ (The European Disunion) и ќе дополни: „Европскиот раскол е на крстопат, ги губи последните можности да си го најде правиот пат и да остане одржлив политички ентитет. Се засилуваат внатрешните судири меѓу Северот и Југот (Германија и Италија), како и меѓу Западот и Истокот (Германија и Полска, Германија и Унгарија). Во исто време, политичките перформанси на ЕУ драматично се намалија“.
Потребни се засилени чекорења и кон новата политичка Европа на суверени нации – зародишот на новата реформирана ЕУ, која ги почитува националните идентити и суверенитети на државите
Политичките перформанси на ЕУ се толку намалени, што таа е веќе претворена во безначаен геополитички играч, од третата светска лига, кој може само да седи на клупата и да набљудува додека големите играчи – САД, Русија, Кина – го играат натпреварот меѓу себе. Наспроти оваа неолиберална политичка Европа, олицетворена во денешнава Европска Унија, стои новата политичка Европа со суверенистички белези, која веќе е именувана како „Европа на суверените нации“. Има еден момент од суштинско значење за македонската држава и македонскиот народ, но и за сите македонски граѓани: лидерите на новата Европа на суверени нации ги респектираат поодделните национални идентитети и суверенитетите на државите на европскиот континент. Што значи и македонскиот национален идентитет и македонскиот внатрешен и надворешен државен и политички суверенитет, кои ЕУ и Софија ги газат на секој чекор со ултимативните наредби за промена на уставот.
Сите овие моменти треба да се имаат предвид при „кроењето“ и спроведувањето на натамокшната надворешна и евроинтеграциска политика на Република Македонија. Завчера универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во своја колумна нагласи дека „мора да изградиме стратегиски дипломатски алатки, што ќе ни овозможат во меѓународните организации да се спротивставиме и да ги ублажиме геополитичкиот притисок и политичките последици по државата во моментов“. Целосно се согласувам со овој негов став. Се наметнува потребата македонската дипломатија да започне да говори уште погласно и да биде уште повидлива не само низ ходниците во официјален Брисел туку и низ светските меридијани, во различните меѓународни организации и форуми. Потребни се чекорења не само кон оваа и ваква политичка Европа и Европска Унија туку и кон новата Европа на суверените нации, која е всушност зародокот на новата реформирана Европска Унија.
Стратегиското партнерство со Унгарија – една од водечките држави на новата политичка Европа на суверени нации – е еден од тие чекори, кој веќе е направен. Но потребни се содржајни контакти и поврзувања и со другите членки на Вишеградската група на држави (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија), кои цели шест години постојано ја повикуваат ЕУ да ги исполни своите обврски кон Македонија. Обврски, кои ЕУ не само што не ги исполнува, туку смислува и бара исполнување други обврски, кои немаат ама баш никаква врска со Копенхагенските критериуми. Единствениот одговор кон лицемерните однесувања на ЕУ кон Македонија е да се продолжи со неопходното и уште погласно и достоинствено изразување и заштита на македонски државни и национални интереси.
Македонскиот министер за надворешни работи Муцунски при својата дводневна работна посета на Брисел информира дека се започнати и подготовките за претстојното Генерално собрание на Организацијата на Обединетите Нации, што се одржува традиционално во септември во Њујорк. Во контекстот на овие подготовки, тој имаше средба со постојаната координаторка на ООН Рита Колумбија. Одржувањето на ова Генерално собрание на светската организација може и треба да биде искористено и како соодветна пригода „титовската заклетва“ во евроверзија „ЕУ, ние ти се колнеме дека од твојот пат нема да скршнеме“ да почнеме да ја заменуваме со слоганот на едно „тивко“ ама неостапно иновирање во македонската надворешна и поодделно државна евроинтеграциска политика. Тој слоган треба да ни биде: „Сѐ ќе сториме да не скршнеме од својот македонски пат!“
Во Организацијата на Обединетите Нации треба да се лобира без задршка кај светските дипломати за македонските интереси и за македонското прашање. Урсула фон дер Лаен, Каја Калас, Марта Кос, Антонио Кошта и другите претставници на „европскиот рај“ не можат и не смеат да бидат единствените соговорници во врска со перспективите на Република Македонија.
(Авторот изнесува согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)