Колумни

Конески, генијот-посветеник на Македонската идеја, и неговиот аманет Македонците да си го вардат јазикот, својата „единствена неподелена татковина“

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993), генијот на македонската поезија и проза, академик, книжевен историчар, филолог и јазичар, творец на „Македонската граматика“, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, е еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик. Денес се навршуваат 92 години од неговата смрт и ова е пригода за ново навраќање кон неговото неизмерно книжевно и научно творештво, на неговата личност и кон непресушните врутоци на неговите јазични, поетски и национални посланија и завештанија до денешново и сите наредни македонски поколенија дека токму јазикот е она, што нѐ прави како македонски народ, различен од сите други народи во Балканот, Европа и светот. Во последната, претсмртна статија „Една ситуација и едно лично становиште“ Конески ќе истакне: „Денешниот однос на бугарските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Но, македонскиот јазик, и покрај сите викотници против него, од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, станува јазик, на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден народ, досега потиснат во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: ‘Пците лаат, карванот си мине!“

Пишува: Свето Тоевски

Ние, мојата генерација, тргнавме во животот посветени на македонската идejа, готови да ѝ служиме како на нешто свето и светло, загрижени за судбината на својот народ. – ова се зборовите на Блаже Конески од неговата статија со наслов „Една ситуација и едно лично становиште“, диктирана на академик Зузана Тополињска кратко време пред неговата смрт. Оние што ја негираат македонската национална и јазична засебност, особено Бугарите, со сета сила сакаат да создадат впечаток дека македонскиот јазик нема свои историски корени и оти е само продукт на некаква политичка комбинаторика. Но, делото на Конески е жестока негација на нивните фалсификати дека „македонскиот јазик е измислен и создаден од Тито во 1944/1945 година“.На тврдењата дека македонскиот јазик е вештачка творба, оти е создаден по директива, со декрет, што ќе рече дека е измислен, Конески им се спротивстави уште во 1948 година во таа научна статија со обемна документација и аргументација, посебно нагласувајќи: „Колку мизерно звучат лагите, кажани на бугарски јазик!“ . Одговарајќи им на сите великобугарски напади кон македонскиот јазик, Блаже Конески напиша тогаш дека таквите тврдења за македонскиот јазик не се нешто ново во историјата на јазиците, оти како измислени се прогласувале јазици и на големи народи. Великобугарската теза е јасна: нема македонска нација, нема македонски јазик. Сето тоа е измислица. Ним поради нешто им ги боде очите постоењето на македонскиот јазик како основно средство за изградбата на македонската народна култура. Но нека знаат таквите луѓе: можат колку сакаат да го презираат македонскиот литературен јазик, тврдејќи дека неговата појава значи назадување. Но, македонскиот литературен јазик нема да биде поради тоа помалку жива историска стварност, без оглед дали и како на некои им ујдисувало.“  – истакна Конески во таа статија.Во друг свој текст од јуни 1986 година великанот од Небрегово ќе предупреди дека „многумина сѐ уште посакуваат македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект“. Во тој текст Конески ќе му го остави остави на својот македонски народ следниов тестаментален аманет: „Послушајте Македонци! Бидете на штрек пред таквите ’правни’ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствената наша комплетна татковина. И оние наши места, што се испустени, живеат во нашата традиција со песните, приказните, гатанките и поговорките, запишани некогаш во нив. И оние наши места, што се испустени, ги опишува, ги опева и ги слави современата литература на македонски јазик. Затоа и во моменти на ломења, раслојувања и колебања, последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план.“

Четири години подоцна, значи три години пред смртта во 1993 година, Kонески повторно ќе ја истакне важноста на македонскиот јазик за македонскиот народ, каде и да живее. Реагирајќи во врска со нападите кон македонскиот јазик од Атина преку брошурата на А.Е. Папагеоргиу со наслов „Таканареченото македонско прашање“, Конески нагласува дека не случајно главниот удар е ударот врз јазикот. „Тоа не е прв напад врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека тој е измислен, така да се рече, преку ноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција. Ние секогаш треба да реагираме на ширењето на такви невистини и да го запознаваме светот со историските реалности. Меѓутоа, најефикасна реакција ќе биде нашето почитување на сопствената традиција и сопствените постигања на јазичкото поле. Ние не располагаме со комоција, за да си допуштаме во тој однос лекомислености. Јас ја имав на ум токму оваа поука кога во една прилика реков дека јазикот е нашата единствeнa неподелена татковина.“ – подвлече Конески.

Преспанската“  и „санстефанската диверзија“ врз македонскиот јазик

Денеска, на оваа 32-ра годишнина од неговата смрт се наметнува прашањето: дали Македонците се доволно на штрек во поглед на секаквите „диверзии“ и напади кон македонскиот јазик, од каде и да доаѓаат? Дали Македонците во доволна мера го вардат јазикот свој македонски, својата „единствена целосна и идеална татковина“? Сегашнава „северна социолингвистичка реалност“ во Македонија, инсталирана во 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, но „збогатена“ и со „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, се обидува целосно да ги поништи делото и јазичната оставина на великанот од Небрегово, неговото животно и научно завештание кон сегашното и идните поколенија на македонскиот народ. Во 2018 година им се случи на Македонците и македонскиот јазик „преспанската диверзија’, кажано со речникот на Конески. Со „Преспанскиот договор“ се кине природната поврзаност на македонските дијалекти и поддијалекти во Егејска Македонија со македонската јазична матица. Преспанскиот договор се обидува на македонскиот народ да му го одземе културно–историското наследство, кое за Конески претставуваше непресушна ризница за неговото поетско творештво, потпрено на долговековните традиции на македонскиот народ.

Спротивно на ставот на Конески за „длабоките корени во минатото“ и за „долгата јазикотворечка традиција“, тие корени во минатото на македонскиот јазик, но и неговото постоење, му ги негира не само Преспанскиот договор, туку и „Бугарскиот добрососедски договор“. Што, парадоксално, го поддржува и Европската унија, барајќи безусловно и „доследно спроведување“ на двата „добрососедски договора“. Значи, истите удари врз македонскиот јазик продолжуваат и денес, кога се чинат севозможни напори да се спроведе завршниот чин и на „санстефанската диверзија“ кон македонскиот јазик, кажано повторно со терминологијата на Конески, откако и ако би се спровеле уставните промени, во пакет со „преговарачката рамка“, протоколите и особено со „Едностраната „декларација“ на Бугарија за македонскиот јазик, надополнета и со „Едностраната декларација“, која ја испрати и Бујар Османи како министер за надворешни работи, исто така, и тој тврдејќи дека „македонски јазик се говори само на територијата на денешна Република Македонија“.

Делото на Конески како дел од „генерацијата на сонцељубивите – „лингвистичко послание“ до секое македонско поколение да го чува јазикот македонски, својата „единствена идеална татковина“.Денес на делото на Конески треба да му се пријде творечки и дејствително, во онаа иста смисла како што тој своевремено повика да се зачува македонскиот јазик и нашата идеална татковина, со други зборови кажано, да се спречат „преспанската“ и „санстефанската диверзија“ против македонскиот јазик и да се елиминираат сите досегашни последици од нив. Македонскиот народ му останува должен на својот национален мислител, но со право може да се каже и на својот преродбеник Конески: не само декларативно да го чествува, туку да започне и конкретно да се бори против обидите да се уништи неговото дело и завештание – да се чува јазикот македонски, да се чува својата „единствена идеална татковина“. Означувајќи го Конески како „национален мислител од највисок формат, кој твори и се бори за Македонија како клучен стратег на нејзината автономна суштина“, Гане Тодоровски го наредува него „во поворката на сонцељубивите Македонци, веднаш покрај Миладиновци, Прличев, Мисирков, Рацин“.

Затоа, македонскиот народ му останува должен на својот национален мислител, но со право може да се каже и на својот преродбеник Конески: не само декларативно да го чествува туку да започне и конкретно да се бори против обидите да се уништи неговото дело и завештание – да се чува јазикот македонски, да се чува својата „единствена идеална татковина“. Крајно време е од пазувите на овој народ со древни традиции, час поскоро да се извишат и други „сонцељубиви Македонци“, коишто ќе ја испратат „северната социолингвистичка реалност“ на ѓубриштето на историјата.Во својата реч во МАНУ по повод 80-годишнината од раѓањето на Конески, Гане Тодоровски резимираше: „Во поимска смисла, во духовната историја на Македонците Конески претставува меѓник, налик на оние крајаголни камења што ги разграничуваат епохите. Во редоследот на монументалните вредносни знаци на македонската културна историја нему ќе му припадне со право чест да ја омеѓи епохата на македонската модерна историја, оној временски интервал наречен регуларен тек во развојот на македонската литература.“

Денес Конески ја добива улогата на „крајаголен камен“ – меѓник, но и многу повеќе: улога на лингвакултурен столб – насочник кон наредните децении на 21 век. Тој претставува во уште поголема мера не само крајаголен камен – разграничник на епохите, туку и столб на македонската колективна, национална лингвакултура (клучна категорија во антрополошката лингвистика со значење: јазик во културата-култура во јазикот). Но неговото творештво не треба да биде читано како некакво неменливо „лингвистичко евангелие“, туку многу повеќе како „лингвистичко послание“ до сегашните и наредните македонски генерации, кои ќе треба како своја колективна, заедничка грижа да го преземат сопствениот мајчин јазик, да го сакаат, да го почитуваат и активно и креативно да се однесуваат кон него.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат поврзаност со ставови на недна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

Најнови вести од: Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

To top