
На 20 септември 1990 година беа донесени серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија во Собранието, меѓу кои амандманот 58. Со него за првпат беше воведена одредба во еден устав на самостојна и независна Македонија, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во Грција, Бугарија и другите соседни држави. Но, како директна последица на „Преспанскиот договор“ и „Бугарскиот договор“ на 11 ноември 2019 година Собранието ќе го усвои и амандманот 36 на Уставот. Со ова целосно се избриша амандманот 58 од 1990 година, преточен во членот 49 на Уставот, и македонската држава се откажа од грижата за македонските национални малцинства во Грција, Бугарија и другите соседни балкански држави.
Додека Македонија продолжува и натаму во формална смисла, од уставно-правен аспект, да биде „слепа“ за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национално угнетени, дискриминирани и непризнати национални малцинства во некои од соседните балкански држави, тие исти држави во своите устави како висок приоритет имаат нагласено дека „припадниците на нивните народи, кои живеат надвор од границите на нивните држави, ќе уживаат право на заштита од матичната држава, во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународните договори, која ќе ги штити нивните права и легитимни интереси“.
Зошто македонскиот устав да нема, да не смее да има ваква одредба, поради влијаењето на идентитетски геноцидните Преспански и Бугарски договор?! Зошто да нема и Македонија легитимно право да се грижи за Македонците во другите држави во Балканот, зарем за неа како држава не важат принципите и нормите на меѓународното право?! Во суштина и од правна гледна точка, не содржејќи обврска за грижа за Македонците во околните држави, сегашниот устав на Македонија е во остар судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа.
Токму ова мора да се промени и да регулира во уставот, Македонците од околните држави како тамошни малцинства да се „внесат“ во уставот на матичната држава Македонија, а не да се ставало во неговата преамбула имагинарното, непостојно „бугарско малцинство“, дури и како „државотворен бугарски народ во Македонија“! Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат „државотворните Бугари“ и со нив великобугарската агенда на официјална Софија за распад на Македонија! Со враќањето на македонските малцинства од балканските држави во уставот на Македонија барем формално и нетериторијално ќе се обедини живото ткиво на македонскиот народ, распарчено со Букурешкиот договор од 1913 година. Ќе се воспостави барем во уставна смисла целината на македонскиот национален корпус.
Ќе појасниме зошто констатираме дека во поглед на грижата за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национални малцинства во соседните држави постојниот устав на Македонија е во остар судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа. Во овој контекст донесуваме споредбена анализа на уставите на Грција, Бугарија и Албанија, како и анализа на принципите, нормите и препораките на соодветните меѓународни конвенции на ООН и на Советот на Европа за правата на националните малцинства и обврската на односните држави да ги почитуваат тие малцински права.
За разлика од Грција и Бугарија, Албанија во својот устав експлицитно говори за „заштита на албанскиот народ, кој живее надвор од нејзините граници“. Во член 8 на Уставот на Албанија пишува: „(1) Република Албанија ги штити националните права на албанскиот народ, кој живее надвор од нејзините граници.“
Дипломатските претставници и највисоките политичари и претставници на албанската држава особен интерес пројавуваат за состојбата и правата на Албанците во Република Македонија, неретко воопшто и не воздржувајќи се тој интерес да го искажуваат на начин со елементи на мешање во внатрешните работи на македонската држава. Дури и да го предупредуваат Уставниот суд на Македонија да не ја „забранува употребата на албанскиот јазик“ во расправата за законот за јазиците. Едно е со принципите на вистинското добрососедство и во дух на заемно разбирање и пријателство државите да имаат и да пројавуваат легитимен интерес за животот на деловите на својот народ во други, соседни држави. Но, нешто сосема друго е постапувањето спротивно на овие заемно важечки принципи.
Исто така е легитимен интересот и на Македонија да се интересира за состојбата и правата на Македонците, кои живеат во Албанија. Легитимно е да бара албанската држава да ги спречува „идентитетските екскурзии“ на великобугарските емисари на Софија во подрачјата во Албанија, кај што живеат Македонци, заради нивно бугаризирање. А за што Албанија многу и не се покренува да стори нешто, бездруго од страв Бугарија да не ѝ „плесне“ и на неа вето на патот кон ЕУ, како што ѝ направи на Македонија. Но барем досега вето нема од Софија за Тирана, зашто некои работи можеби „фино“ и молкум меѓусебно се договорени, врз грбот на Македонците во Албанија…
Но, какви се позицијата и правата на Македонците, кои живеат во Албанија? Во одговорите токму на овие и некои други прашања во интервјуто за весникот „Илинден“ на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана Ендрит Фетаху, потпретседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, нагласува: „Македонците во Албанија се граѓани од втор ред.“ Во рамки на оваа анализа ги пренесуваме и најважните искажувања на Ендрит Фетаху.
„Положбата на Македонците во Албанија останува кревка и нерамноправна, и покрај ветувањата и постојните закони. Иако формално направи одредени чекори за признавање на малцинствата, во пракса албанската држава не покажа вистинска волја да им обезбеди на Македонците целосна еднаквост. Сè уште имаме третман како граѓани од втор ред, со јасен недостиг на образование на мајчин јазик, без инвестиции во областите, каде што живееме и со минимална застапеност во државните институции. Оваа тивка дискриминација мора да заврши, бидејќи европската интеграција на Албанија не може да се гради врз негирање на правата на малцинствата.“ – посочува Фетаху
На прашањето кои се најголемите проблеми на Македонците во Република Албанија? Тој истакнува: „Проблемите се многубројни, но клучниот останува фактот дека албанската држава не ги спроведува законите, што ги усвои. Надвор од Преспа речиси не постои образование на македонски јазик, иако е тоа основно право. Многу села и македонски заедници се соочуваат со длабока сиромаштија, изолација и целосен недостиг на развојни проекти од страна на владата. Истовремено, Македонците се речиси невидливи во државната администрација и политичките процеси, што е неприфатливо за една земја, која тврди дека е демократска. Овој третман претставува отворена дискриминација и кршење на европските стандарди за човекови права.“
На барање на весникот “Илинден“ која е неговата порака како потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција до Македонците во Република Албанија, Ендрит Феаху нагласува: „Мојата порака е јасна – доста беше молк и покорност! Мора да останеме обединети и гласно да го бараме она, што ни припаѓа. Не смееме да дозволиме нашите деца да растат без да го учат мајчиниот јазик. Не смееме да дозволиме нашиот идентитет да се изгуби, поради негрижа или дискриминација од државата. Македонска алијанса за европска интеграција нема да застане сè додека добијат Македонците еднакви права, училишта на мајчин јазик, поддршка за нашата култура и достојна политичка застапеност. Нѐ очекува долга битка, но нема да се повлечеме, затоа што сме убедени дека правдата е на наша страна. Клучно е да се одржи во живот македонското прашање во Албанија. Ние никогаш нема да замолкнеме, ќе се бориме за еднаквост, достоинство и подобра иднина за секој Македонец во оваа земја.“
(крај)
(Оваа анализа е надоврзување на нејзиниот прв дел „Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат ‘државотворни Бугари’, а со нив и агенда за распад на Македонија!“, на нејзиниот втор дел „Грција со устав ги ‘цементира врските на Грците со Татковината’, а со ‘преспанска бомба’ ги растури врските на тамошните Македонци со Македонија!“, како и на нејзиниот трет дел „Бугарија бара дури и ‘држава во држава’ за фантомскиот ‘бугарски народ’ во Македонија, а низ ЕУ се дере: „Њама македонски език, њама Македонци кај нас!“.
(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)
“