Македонија има потенцијал да стане центар за создавање дигитални решенија, развој на компании и привлекување инвестиции со висока додадена вредност.
Ова го порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски по учеството на конференцијата на Американската стопанска комора во Македонија (AmCham).
Андоновски истакна дека целта е овие амбиции да се преточат во конкретни проекти, со посебен акцент на практични и ефикасни услуги за граѓаните и компаниите.
„Имаме талентирани луѓе и домашни компании со меѓународно искуство. Наша задача е да обезбедиме предвидливи правила, сигурна дигитална инфраструктура и институции што постапуваат навреме“, наведува министерот во објава на Фејсбук.
Тој посочи дека за домашните компании и инвеститорите се особено важни брзината на административните постапки, можноста тие да се завршуваат целосно онлајн и ефикасната размена на податоци меѓу институциите.
Преку иницијативите „Везилка“, „ДИГИТМАК“ и „ИННОФЕИТ ЕДИХ“ се отвораат можности и за малите компании да применуваат вештачка интелигенција, да создаваат нови производи и да ги унапредуваат вештините на вработените.
Андоновски очекува во следните две до три години напредокот да се мери преку поголем број целосно дигитализирани постапки, пократки рокови и повеќе компании што ги применуваат новите технологии.
Тој нагласи дека за остварување на овие цели е неопходно силно партнерство со бизнис-заедницата, особено во утврдувањето на пречките, развојот на кадрите и создавањето решенија со практична примена.