Таткото и неговите две ќерки од кривопаланечкото село Жидилово добија кривична пријава поради сомнение дека претепале 67-годишна жена од соседското село Дрење. Инцидентот се случил по расправија поврзана со добитокот што слободно се движел во околината.
Според информациите од МВР, на 21 ноември 2026 година, околу 9 часот, додека жената го напасувала својот добиток, пријавените лица најпрво влегле во расправија со неа, а потоа физички ја нападнале и ѝ нанеле тешки телесни повреди.
Повредите биле констатирани во Здравствениот дом во Крива Паланка. ОВР Крива Паланка поднело кривична пријава против Г.Ѓ. (58), А.Ѓ.М. (23) и А.Ѓ. (31) за сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.