Македонија

Анкетно истражување: Младите од Македонија позитивно гледаат на ЕУ, но се сомничави дека некогаш ќе стане нејзина членка!

Според Бојан Кордалов, директорот за политика и комуникација во Европскиот центар за извонредност – еден од изготвувачите на публикацијата „„Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Македонија“, ваквите резултати од спроведената анкета годинава во јуни со илјада млади луѓе од Македонија, главно студенти, се сериозен аларм и повик за акција.
„Ако не им се понудат вистински можности, стабилност и разбирање на младите луѓе во земјите-кандидати за ЕУ, тогаш тие би можеле да престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ!“ – предупреди Кордалов.

Мнозинството млади луѓе во Република Македонија гледаат позитивно на Европската унија, но речиси половина од нив не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на Унијата. Тоа го потврдува растечкиот евроскептицизам кај младите во земјите кандидати за членство во блокот,“ – ова се наведува во публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Македонија“.

„Овој јаз меѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици, ја формира основата на младинскиот евроскептицизам. Затоа е потребна итна партнерски координирана и долгорочна акција во земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги препознае младите како креатори, а не само како публика, ќе ги надмине економските и институционалните пречки, ќе ги поврзе младите луѓе со конкретни европски програми, содржини и платформи и ќе ја направи комуникацијата на ЕУ релевантна, двонасочна и отворена.“ – пишува во споменатата публикација.

За потребите на публикацијата кон крајот на јуни 2025 година во соработка со студентската платформа „Студентарија“ е спроведена анкета преку интернет, со која биле опфатени 1.000 млади луѓе од Република Македонија, од кои 81,5 отсто студенти на додипломски или постдипломски студии, како дел од пошироката анализа на ставовите на младите кон Европската Унија, изработена со учество на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУEП) од Скопје, Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и либералната Фондација „Фридрих Нојман“.

Според анкетата, 41 отсто од младите во земјава „позитивно“ ја перципираат Европската Унија, 24 проценти имаат „негативно“ мислење за неа, додека речиси 35 проценти изразуваат „неутрален“ став кон блокот. Ваквите резултати, како што се наведува во документот, јасно укажуваат дека има простор за проактивно ангажирање и постои недостиг на подлабока поврзаност со вредностите на ЕУ. Кога станува збор за иднината на Република Македонија во ЕУ истражувањето покажува дека 46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека таа некогаш ќе стане членка на ЕУ, додека 35,8 отсто веруваат дека членството е можно, но во подалечна иднина. Само 6,7 проценти веруваат дека земјата ќе може да стане членка на ЕУ во текот на следните пет години, додека 11 отсто не знаат или немаат мислење за ова прашање.

Кога станува збор за причините кои ги сметаат за најголема пречка за интеграција на земјата во ЕУ, дури 84,6 отсто од испитаниците ја посочиле „корупцијата“. По неа, со 61 отсто следуваат „билатералните спорови“ и со 60 проценти „ниската доверба во институциите“. Во однос на тоа што буди најголем интерес кај младите во државава во врска со ЕУ, дури 76,2 отсто ги навеле можностите за работа и живот во Унијата.

Публикацијата беше промовирана минатата недела во Брисел, а кон крајот на месецов е предвидена нејзина промоција во Скопје. Предвидено е публикацијата да биде презентирана пред дел од пратениците во Парламентот и пред граѓанскиот и младинскиот сектор во земјата, како и да биде доставена до владините институции и претставници.

„Нетпрес“

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски до СДСМ: Ако вие се повлечете, друг ќе дојде на ваше место

Запрашан дали СДСМ со неучеството на лидерската средба остава простор Левица да биде главна опозициска политичка партија во Македонија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека на политичката сцена и во политичката теорија и пракса празен простор не останува. Ако се повлечете и оставите празен простор некој ќе го запоседне тој простор“, вели премиерот Христијан Мицкоски. „Дали […]

За Пендаровски уставниот суд а не обвинителството кажува дали има криминал со уредбите со законска сила

Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата, дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции кои сега се под тотална контрола на Мицкоски можат да го проверат, вели екс претседателот

To top