Македонија

Берсе ја информираше Сиљановска-Давкова дека Советот на Европа работи на спроведување на пресудите на Судот во Стразбур

Пресудите на Судот во Стразбур тема на разговорите меѓу претседателката и генералниот секретар на Советот на Европа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска остварила средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој престојува во официјална посета на земјава, објави кабинетот на шефицата на државата.

Во разговорот таа ја истакнала улогата на Советот на Европа, како најстара европска институција, којашто повеќе од седум децении ги унапредува демократијата, човековите права и владеењето на правото, како темелни вредности.

Според претседателката, ,,Новиот демократски пакт за Европа” претставува важен чекор кон обновување на довербата во институциите и зајакнување на демократската отпорност, во услови на длабоки политички, безбедносни и технолошки промени.

Сиљановска-Давкова посочи дека развојот на дигиталните технологии и вештачката интелигенција отвора нови предизвици поврзани со заштитата на човековите права, приватноста и демократските вредности. Од овие причини, го поздрави потпишувањето на Рамковната конвенција за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото, со што државата се вброи меѓу првите земји потписнички.

За неа, одлуката за затворање на постмониторинг дијалогот со земјава е значајно институционално признание за напредокот во реформите врзани за владеењето на правото, независноста на правосудството и борбата против корупцијата.

Македонската претседателка, која има тридецениско искуство во телата на Советот на Европа, потсети дека државата активно ги спроведува европските реформи и останува меѓу најусогласените кандидати со aquis communautaire и предупреди дека билатерализацијата на пристапниот процес го поткопува концептот на проширување заснован врз Копенхашките критериуми.

Исто така, таа укажа на неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур од страна на одделни земји-членки, нагласувајќи дека прашањата поврзани со правото на здружување, идентитет и самоопределување не се билатерални, туку европски прашања што се однесуваат на основните права и слободи гарантирани со Европската конвенција за човекови права.

Генералниот секретар Берсе посочи дека фрустрациите кај земјите кандидатки поради застојот во процесот на проширување можат да создадат негативни политички тенденции и нагласи дека е неопходна нова динамика, особено во регионот на Западен Балкан.

Осврнувајќи се на Европскиот суд за човекови права, Берсе истакна дека Советот на Европа работи на механизми за поефикасна и побрза имплементација на судските пресуди за да се обезбеди нивно суштинско, а не симболично спроведување.

Обајцата изразија подготвеност за интензивирање на соработката, во пресрет на македонското претседавање со Комитетот на министрите на Советот на Европа во периодот 2027–2028 година, се вели во соопштението.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Во Македонија една третина од смртните случаи се од кардиоваскуларни заболувања

Од кардиоваскуларни заболувања минатата година во земјава починале 6.888 лица, а овие заболувања учествуваат со 34 отсто во вкупниот морталитет. Со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители, кардиоваскуларните заболувања се на прво место меѓу причините за смртност.

Поплавена зградата на „Нова Македонија“

Пет до шест дена ќе бидат потребни за нормално функционирање на зградата на „Нова Македонија“, откако е утврдено дека поплавата ја предизвикала пукната топловодна цевка на вториот кат, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.

Стојков: Грција и Бугарија ќе го користат примопредавањето на моштите на македонскиот цар Самуил за пропаганда против Македонија!

„Свечената“ објава на бугарскиот премиер Румен Радев дека в сабота, на 3 октомври, Грција ќе ѝ ги предаде посмртните останки од цар Самуил (починат 1014 година), одекна не како историско-научна сензација, туку токму така како што беше и конструирана – со политичко тенденциозност спрема Македонија. Ова се нагласува во статијата со наслов „Стојков: Не е сигурно дека моштите се на цар Самуил, а Бугарија и Грција немаат ни правна основа за нивно примопредавање“, која ја објави информативниот портал „МКД.мк“

(ВИДЕО) Разбиена е криминалната и терористичка група од Скопје, кај која е пронајдено знаме на „Исламска држава“! – Кривична пријава за тројца (Видео)

МВР информира дека вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведе координирана полициска акција, во која е сузбиена организирана криминална група од Скопје, инволвирана во вршење на кривични дела од областа на тероризам и недозволена трговија со оружје.

To top