Во име на општина Битола свежо цвеќе положи заменик градоначалничката на Битола Марина Крстиќ. Свежо цвеќе положија и претставници на Советот на Општина Битола, Сојузот на борци од Битола, претставници на политички партии, семејството и роднини, здруженија, граѓани, како директорот и ученици од ОУ „Стив Наумов“. Песна за херојот Стив Наумов исполни хорот на ОУ „Стив Наумов“ од Битола.
Стив Наумов (1920-1942) кој загина во нерамноправна борба со бугарската полиција на денешен ден во 1942 година во ресенското село Болно. Истата судбина ја дели и неговиот соборец, народен херој и поет Мите Богоевски (1919-1942), со кого заедно загинале. „До денес, иако сме барале, гробовите на Мите и Стив не се познати. Но, каде и да им се телата, тие се во Македонија“, има кажано Стефан Бошков, внукот на Наумов. Стив Наумов бил избран како секретар на Месниот комитет на КПЈ во Битола. Еден ден по германската окупација веднаш дал наредба за собирање оружје, храна и санитетски материјал, за да се подготват за оружена борба. Го организирал формирањето на битолскиот партизански одред „Пелистер“ во април 1942 и учествувал во формирањето на битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 над ресенското село Златари.
„Во септември 1942, партизанскиот одред заминал од Болно. Останале само Стив и Мите, со задача ако уште некој дојде да ги примат во одредот. Но, биле предадени и опколени од бугарската полиција, која мислела дека таму ќе биде целиот одред. Мите заминал кон долната страна од коријата, а Стив кон горниот дел, за да се пробие кон Јанковец. Прв загинал Мите, кој бил погоден со куршум во главата. Стив се борел додека имал оружје, но откако останал без куршуми, си го одзел животот со последната бомба што ја имал“, сведочел Стефан Бошков.
„Утредента ја викнале сестрата на Мите, која ги препознала телата. Ги закопале привремено во блиската шумичка, а потоа ги откопале и ги чувале крај реката уште некој ден. Потоа ги однеле во непознат правец, веројатно од страв дека нивните гробови ќе станат светилиште на партизанското движење и народот, зашто и двајцата биле легенди на Битола и Преспа“, додава Бошков. Постојат претпоставки дека телата им биле запалени кај селото Ѓавато. По ослободувањето, и двајцата биле прогласени за народни херои. Во Битола, градот кој дал осум народни херои, и по осум десетлетија, се чува споменот за сите нив.