Бугарскиот адвокат Божидар Терзијски го анализира случајот со Ива Михајлова на основа на нејзините два пасоши и две лични карти во контекст на налогот за апсење и можноста таа да биде ејатрадирана во Македонија.
За Терзијски не е сосема јасно каде треба да се повлече границата помеѓу интересите на правдата, заштитата на здравјето на луѓето и обврската на државата да ги штити сопствените граѓани?
Бугарскиот адвокат вели дека Бугарија се обврзала да не екстрадира свои граѓани но случајот со Ива вклучува смртен исход, а блиските на жртвата имаат право да бараат правда.
,,Случајот со 23-годишната Ива Михајлова доби нов тек! Денес, 13 октомври, судот во Кочани одреди мерка притвор во траење од 30 дена, а надлежните органи во Северна Македонија распишаа домашна и меѓународна потерница по неа. Налогот за притвор стапува на сила во моментот кога таа ќе биде лишена од слобода. Младата жена веќе се наоѓа во Бугарија, каде што побарала лекарска помош во болницата „Пирогов“. Таа се соочува со кривична пријава поради тешка сообраќајна несреќа со смртни последици. Сепак, тука се поставува многу интересно правно прашање: дали Македонија може да побара апсење и екстрадиција на лице кое е и бугарски државјанин?”, прашуа Терзијски.
,,Две државјанства, две лични карти, два одземени пасоши! Ива Михајлова поседува и бугарско и македонско државјанство. Според Обвинителството во Кочани, нејзините пасоши биле одземени уште во 2025 година, а ѝ било забрането да ја преминува границата со лична карта, како и да го напушта Кочани. Таа тврди дека ја преминала границата така што на едните гранични служби им ја покажала македонската лична карта, а на другите – бугарската. Сепак, македонското МВР наведува дека не е евидентирано напуштање на земјата, а според информациите од бугарската гранична полиција, нема евиденција ниту за легален влез во Бугарија. Која верзија е точна?”, прашува адвокатот кој смета дека некои работи допрва треба да се разјаснат но едно е сепак сигурно: поседувањето две лични карти не ја поништува судската забрана за напуштање на земјата.
,, А сега, најинтересниот дел од правен аспект! Согласно член 25, став 4 од Уставот и член 6, став 1, точка 1 од Законот за екстрадиција и европски налог за апсење, предавањето на бугарски државјанин заради кривично гонење е дозволено само доколку е предвиден исклучок во применлив меѓународен договор. Бугарија, исто така, има дадено експлицитна изјава според член 6 од Европската конвенција за екстрадиција, со која изјавува дека одбива екстрадиција на своите државјани. Македонија не е членка на ЕУ и не може да го користи механизмот на европскиот налог за апсење. Следствено, бугарското државјанство на Ива Михајлова претставува значајна правна пречка за нејзина евентуална екстрадиција преку оваа постапка. Фактот што таа поседува и македонско државјанство не го поништува нејзиното бугарско државјанство”, вели Терзијски кој има дилема дали таа сепак може да биде задржана во притвор во Бугарија?
,,Тоа што некој е предмет на меѓународна потрага не резултира автоматски со апсење, ниту пак му дава право на странски суд директно да нареди притвор на бугарска територија. Дури ни „Црвената потерница“ на Интерпол не претставува меѓународен налог за апсење чие извршување е задолжително. Бугарското законодавство дозволува постапка за привремено задржување под одредени услови, вклучително и пред приемот на официјално барање за екстрадиција. Сепак, ова е посебна постапка во која бугарските власти мора да ги земат предвид и основите што би ја спречиле екстрадицијата. Со други зборови, тоа што некој е предмет на меѓународна потерница и самото предавање на лицето се две сосема различни работи”, анализира адвокатот кој посочува дека постои и човечки аспект што не смееме да го занемариме!
,,Ива Михајлова тврди дека пристигнала во Бугарија поради влошена здравствена состојба и потреба од медицински третман. Сепак, случајот вклучува смртен исход, а блиските на жртвата исто така имаат право да бараат правда. Правото на медицинска нега не ослободува од кривична одговорност, исто како што соочувањето со кривични обвиненија не го лишува лицето од правото на неопходен третман. Понатаму, обвинетата се смета за невина сè додека нејзината вина не се докаже со правосилна судска пресуда.
Ова отвора прашања кои, според мене, заслужуваат сериозна јавна дебата! Ако државата му го одзела пасошот на некој граѓанин и му забранила да ја напушти земјата, како тој успева да ја премине меѓународната граница користејќи само лична карта? Ако Бугарија одбие да ја екстрадира својата државјанка, што се случува со кривичната постапка во Македонија? И каде треба да се повлече границата помеѓу интересите на правдата, заштитата на здравјето на луѓето и обврската на државата да ги штити сопствените граѓани”, пишува адвокатот кој прилично објективно го анализира случајот.