Македонија

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Пишува: Свето Тоевски

Во пребогатиот книжевен опус, редок по својата оригиналност, Јаневски го одразуваше карактерот на македонскиот народ, го исцртуваше неговиот човечки, етички и духовен портрет. Во овој контекст со своите моќни книжевни зборови Јаневски се претставуваше себеси и како своевиден национален трибун, кој во своите романи ја вткаја својата позната историска иронија кон времињата и епохите, што ги изврвевме како македонски народ. Јаневски говореше во своите дела со многу тага, со придушен бол, но и со многу хумор и подбив кон сето она, што го навјасуваше и го измачуваше Македонецот под небесниов свод во историските епохи, кои изминаа. 

Перото на Славко Јаневски го пронајде патот и до срцата на возрасните и до срцата на децата. Децата го паметат по книгите „Шеќерна приказна“ , „Црни и жолти“ , „Пупи паф, карамба-барамба“. „Десетте тома ‘Кукулино’  на Славко Јаневски израснаа во монументална Македонска фреско-композиција и книжевно сведоштво за нашиот историски пат до себеси.“  – има кажано, исто така, академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Биографија

 Славко Јаневски е македонски поет, раскажувач, романсиер, сценарист, сликар. Роден е во Скопје на 11 јануари 1920 година. Почина во Скопје 2000 година. Беше член на МАНУ од 1967 година, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Во 1947 година Славко Јаневски, заедно со Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле, го формираа во Скопје Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броеше 7 члена. Потоа Јаневски беше и претседател на Друштвото.

Како плодотворен писател, Славко Јаневски соработуваше со Панде Ташковски на филмската адаптација на подоцнежниот епски воен роман „”Доследни на заветот“ пренасловен во “Македонскиот дел од пеколот” во режија на Ватрослав Мимица од Загреб; и ја адаптира сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“ во режија на Кирил Ценевски. И по смртта Славко Јаневски не престана да ги пишува своите книги. Само четириесет дена по неговата смрт беше промовиран неговиот последен роман „Депонија“ што самиот не дочека да го види отпечатен. Една година по неговата смрт, беше промовирана неговата последна книга раскази „И петто годишно време“, а потоа и збирката поезија „Измислена тврдина“.

Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои се: Наградата АВНОЈ (1968); Наградата 11 Октомври; потоа на СВП; 13 Ноември, награда на градот Скопје; Рациново признание, Браќа Миладиновци… Добитник е на две Златни арени за сценарио, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и “Македонскиот дел од пеколот” (1974) на филмскиот фестивал во Пула. , за книжевен опус на ИРО „Мисла“, „Кочо Рацин“, „Македонско слово“.

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

ЕВН Македонија го започна проектот „PULSE“ за јакнење на улогата на жените во енергетската транзиција

Со овој проект, ЕВН Македонија уште еднаш ја потврдува својата заложба да биде активен чинител на позитивни промени, градејќи енергетски сектор во кој еднаквоста е темел за одржлива иднина

„Цементарница Усје“ не е главната причина за загадувањето во Скопје, тврди менаџментот на фабриката

Цементара Усје не е причина за загадениот воздух во Скопје. Компанијата работи по сите стандарди и ги почитува законите, затоа не гледаме причина за дислокација. Вака техничкиот директор на Цементара „ТИТАН Усје“, Гоце Цветковски одговори на новинарско прашање, прашан за тоа како компанијата гледа на обвинувањата од страна на граѓаните дека се најголем загадувач на воздухот во Скопје но и на барањата за дислокација.

To top