Македонија

Одбраната бара да им се укине притворот на Васев и на Нухи

Бегова побара судот да ја повлече казната од 500 евра за неа

На денешното продолжение од судењето за предметот „Онкологија 2“ во Основниот кривичен суд Скопје, одбраната побара укинување на притворот за двајцата обвинети екс директори на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) и негова замена со домашен притвор, како и повлекување на паричната казна за адвокатката Анита Бегова. Одбраната приговараше на доказите што ги презентира обвинителството, оценувајќи дека станува збор за незаверени копии без доказна вредност.

Откако, по одлука на судечкиот совет, јавниот обвинител започна со читање на доказите од архивските папки, адвокатката Бегова приговараше на нивната автентичност посочувајќи дека не ги исполнуваат законските услови предвидени во Законот за кривичната постапка (ЗКП).

– Сите докази се доставени во копија, а дел од нив немаат соодветна заверка, недостига печат на институцијата и потпис на овластено лице, што значи дека немаат доказна вредност, бидејќи ЗКП утврдува дека истите мора да бидат во оригинал или заверена копија со верно на оригинал и печат на институциајта која го издала документот во оригинал ја потврдува неговата веродостојност – истакна Бегова.

Според закон, таа нагласи дека материјалните докази треба да се доставуваат во оригинал или како заверени копии, а користењето незаверени документи, според неа, би претставувало суштествена повреда на кривичната постапка.

– Според Член 392 став (2) од ЗКП јасно е пропишано дека „доказите од ставот (1) на овој член се доставуваат во оригинал.“ Ова е основното правило и императив за сите материјални докази, како записници за увид, потврди за одземени предмети, книги, списи и друго. Целта на оваа одредба е да се обезбеди автентичност и веродостојност на доказите, со што се спречуваат манипулации или сомнежи во нивната содржина. Законот предвидува и исклучок од ова правило, но тој е строго дефиниран. Во Член 392 став (3) од ЗКП се вели „По исклучок од ставот (2) на овој член може да се користи како доказ и заверен препис или заверена копија.“ Ова значи дека копија од доказ може да се користи само доколку е заверена. Заверката гарантира дека копијата е идентична со оригиналот и дека нејзината содржина е непроменета. Незаверена копија, без оглед на нејзината содржина, не ги исполнува законските услови за да биде прифатена како доказ, освен ако не постојат други законски одредби кои изречно дозволуваат поинаку, што не е случај со овој член – нагласи Бегова во нејзината забелешка на доказите кои беа презентирани од страна на обвинителството.

На почетокот на рочиштето, Бегова побара Судот да ги повлече решенијата за нејзино казнување од 500 евра и за назначување бранител по службена должност, оценувајќи ги како повреда на нејзините права.

– Моето напуштање на јавната расправа беше во насока да се сочува мојот професионален интегритет и интегритетот на адвокатурата како јавна професија утврдена со устав. Тоа што Судот во решението за казнување, навел дека ќе се обрати до претседателот на судот за назначување на адвокат по службена должност, иако јас немам откажано полномошно, ниту пак полномошно ми е откажано од мојот клиент, го разбирам како повреда на моите права како бранител и повреда на мојата уставна гаранција на претприемништво и заработувачка – истакна Бегова.

Второобвинетиот Нухи побара укинување на мерката ефективен притвор и замена со домашен притвор, наведувајќи дека му е потребно да ја подготви одбраната и да се грижи за семејството, како и дека нема намера да бега.

Бранителот на Васев, адвокатот Дељо Кадиев, истакна дека правото на одбрана не се спори и се приклучи кон барањата на одбраната.

Застапничката на обвинението остана на ставот дека материјалната документација е навремено и уредно доставена, а одлуката за притворот ја остави на Судот, посочувајќи дека ќе се произнесе дополнително доколку предлогот биде доставен во писмена форма.

Судијката нагласи дека нема да дозволи одолговлекување на постапката и одлучи доказите да се читаат во судница, бидејќи странките не постигнале согласност тие само да се внесат во записник. Доказите ќе бидат достапни во судницата, но без можност за нивно разгледување надвор од расправата.

Во предметот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехад Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што, според обвинението, го оштетиле државниот буџет за околу 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

Продолжува намалувањето на бројот на новопрегледани пациенти во болницата и во здравствениот дом во Гостивар

Според податоците од јавните здравствени установи во Гостивар, во текот на вчерашниот ден (20.07.2026 година) продолжува трендот на намалување на бројот на новопрегледани пациенти, односно лица. кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.

Мицкоски: Посетата на индиската претседателка Мурму отвора нови перспективи за двете држави, за зајакнување на партнерството во повеќе области од заемен интерес

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска оствари работен ручек со претседателката на Република Индија Драупади Мурму, која престојува во својата прва официјална посета на Македонија.

Индиските медиуми за посетата на претседателката Мурму во Македонија: Се отвора „ново поглавје“ во надворешната политика на Индија кон Балканот

Водечките индиски медиуми ја карактеризираат посетата на индиската претседателка Друпади Мурму на Македонија на 21 јули 2026 година како историска пресвртница во билатералните односи, нагласувајќи го фактот дека ова е прва официјална посета на шеф на индиската држава на Република Македонија од воспоставувањето на меѓусебните дипломатски односи.

To top