Македонија

Димовски: Со Преспанскиот договор се откажавме од наследството од егејска Македонија

„Погубните договори ја наплаќаат цената“, напиша во објавата

Илија Димовски во објава на социјалните мрежи се осврна на прашањето за Цар Самуил и односот на Македонија кон неговото историско наследство, посочувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и протоколите со Бугарија.

„За Цар Самуил, бељата е дома, не треба да се лутиме на други. Погубните договори ја наплаќаат цената“, напиша Димовски.

Тој во објавата го цитира делот од Преспанскиот договор во кој се дефинира различното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ во однос на двете страни и се споменува наследството на регионот од антиката до денес.

Димовски потоа се повикува на протоколите со Бугарија, наведувајќи го делот според кој Цар Самуил е определен како владетел на голема средновековна држава, која поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско Царство.

Според Димовски, со Преспанскиот договор Македонија се откажала од какво било наследство од територијата на егејска Македонија, додека со протоколите со Бугарија било дадено признание во однос на определувањето на државата на Цар Самуил.

Тој оценува дека трансферот на посмртните останки и именувањето на Цар Самуил на неговиот нов надгробен споменик имаат формална верификација од македонска страна преку договорите и протоколите што ги потпишала тогашната власт.

Димовски посочува и дека потписник на двата документа од македонска страна бил ист човек, во време на иста влада и ист премиер, поддржани од исто коалициско мнозинство во Собранието.

Во продолжението од објавата се осврнува и на посмртните останки на Свети Климент, за кои тврди дека се наоѓаат во Грција, потсетувајќи дека за овие прашања зборувал и за време на постапката за донесување на Преспанскиот договор.

На крајот Димовски порачува дека Македонија, според него, „живеела и во потешки времиња“ и дека не треба да се изгубат надежта и идејата за слобода.

„За почеток е доволно јасно да кажеме дека овие договори се наметнати со насилство и со уцена и дека се спротивни на волјата на македонскиот народ, а историјата ќе си ги среди другите работи“, наведува Димовски.


Најнови вести од: Македонија

Унгарскиот премиер Маѓар ја пречека Сиљановска-Давкова во Будимпешта

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, престојува во официјална посета на Будимпешта, каде што присуствува на високите државни и културни манифестации по повод одбележувањето на јубилејната 70-годишнина од Унгарската револуција од 1956 година

To top