Антикорупциска отвори предмет за обвинувањата на СДСМ за семејната поврзаност на компанијата „Сити аутсорсинг“ со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добивањето на 161 јавна набавка, вели во интервју за РСЕ претседателот Адем Чучуљ.За сличен случај, неполн месец порано, ДКСК не утврди конфликт на интереси кај Томовски за тендерот за обезбедување доделен на компанијата „Праеториан“, кој го истражуваше РСЕ. Чучуљ вели дека освен прибрана документација, Томовски дал и изјава заверена на нотар дека управителот на подружницата формирана во ек на огласот не му е роднина и предметот го затвориле. Редакцијата на „Експрес“ пренесува некои од покарактеристичните делови на интервјуто на претседателот на ДКСК Адем Чучуљ за Радио Слободна Европа:
РСЕ: Седнавте на фотељата непосредно по извештајот на Европската Комисија којашто нотираше нарушен кредибилитет на институцијата по апсењето на екс-претседателката Татјана Димитриевска. Како да се врати интегритетот?
А.Ч.: Прашањето за интегритетот е лично прашање на личен интегритет на кој било носител на јавна функција. Дефинитивно тоа што се случи со поранешната претседателка остави трага во одреден период на работата на Kомисијата и нормално врз оценката во европскиот извештај. Но, ќе напоменам дека многу е значајно тоа што Комисијата успеа да се издигне и покрај тоа што немаше неколку месеци претседател и продолжи тековно да работи и да ги извршува своите законски надлежности. Сега сме целосно екипирани со изборот на новиот претседател, односно мојот избор. Сметам дека како комплетен состав, имајќи во предвид дека доаѓам од позиција генерален секретар, сум запознат со сите тековни активности на Комисијата ќе успееме да ги испорачаме обврските што од нас ги очекува јавноста, а особено значајно да ги поправиме оценките односно забелешките од извештајот на Европската Комисија.
РСЕ: Во извештајот се бара и да се зголеми ефикасноста во проверката на анкетните листови коишто ги доставуваат самите функционери. Дали воопшто проверувате како институција што пријавуваат функционерите во анкетните листови?
А.Ч.: Да, важна надлежност е следењето на имотната состојба и интересите. Како што знаете, Државната комисија е надлежна да ги евидентира и следи имотната состојба и интересите. Со новото софтверско решение, сите изјави за имотна состојба и интереси функционерите ги поднесуваат во електронска форма, при што се должни да достават и печатена копија од тоа што го пријавиле во електронскиот образец. А надлежноста за проверка на имотна состојба исто така е наша. Пред се сме обврзани односно должни да извршиме верификација на тоа што е пријавено дали е вистина и доколку утврдиме евентуално несразмерно зголемување, да ја испитаме имотната состојба на лицето, односно како дошло до зголемување – дали имало лицето средства да се стекне со таков имот. А во однос на опсегот односно проверката, морам да напоменам дека поради ограничените кадровски капацитети и недоволно развиеното софтверско решение, не сме во можност да ги проверуваме сите изјави. Најважно од се, се врши проверка дали некое лице поднело и дали поднело во рок, за што следува прекршочна санкција. А во однос на проверка на вистинитоста, дел сме поврзани со бази податоци, а дел на податоци се уште прибавуваме во хартиена форма. Имаме неколку основи за проверка, по оформен предмет, по сопствена иницијатива, по пријава од граѓани и најважно од се – носиме годишен план за проверка на имотна состојба и интереси согласно член 19 врз основа на проценка на ризици од корупција во одредени области. Но, ќе напоменам дека сепак сме ограничени во бројот на изјави кои имаме можност да ги провериме. Една од клучните надлежности е оваа надлежност за проверка на имотната состојба и ќе се залагаме во наредниот период, бидејќи е и забелешка е во европскиот извештај и препорака на ГРЕКО да го прошириме опсегот на лица кои ќе бидат предмет на проверка да покаже позначајни резултати. Со надградба на софтверско решение, се повеќе ќе одиме кон дигитализација и автоматизирана проверка во наредни години, бидејќи согласно со ИПА проектот работиме на надградба на софтверското решение. Кога ќе се преземаат податоците во електронска форма ќе биде тој опсег доста поголем.
РСЕ: Во изминатиот период ДКСК има изречено прекршочни казни, меѓутоа се поднесенои извршни решенија до УЈП за поранешни и актуелни пратеници коишто не пријавиле со каков имот располагаат. Такви се поранешниот пратеник, актуелен министер за транспорт Александар Николовски, експратеникот од СДСМ, Мартин Костовски. Тука се актуелните пратенички Соња Миракоска, Рашела Мизрахи коишто ,исто така, се дадени на присилна наплата. Прашањето ми е зошто не се иницира промена на законското решение со оглед на тоа дека и по изрекувањето на казните како институција немате механизам да ги принудите функционерите да поднесат анкетен лист?
А.Ч.: Јас долги години работев на таа проблематика како дел од секретаријатот на следење на имотната состојба и сум активен учесник во последната работна група за изготвување измени на нашиот закон. Во таа насока беа и препораките на ГРЕКО дека режимот на санкционирање е лабав, слаб да речам. Предложени се законски измени во насока на зајакнување на таа надлежност и најважно од се потребна е измена на материјалните закони. Еве на пример, Законот за судови содржи одредба каде што Судскиот совет може да оцени како една од основи за можна дисциплинска одговорност, односно можеби и разрешување е свесно односно непријавување на имотната состојба. Ние имаме во минатото детектирано неколку случаи каде што и по неколку прекршочни санкции и промена на неколку мандати, истото лице продолжува да не ја пријавува имотната состојба. Компаративно ако ги следите законите, постои кривично дело свесно намерно прикривање на имот. Значи може да се посомневате дека одредено лице свесно го прикрива имотот. Спремно е да ја плати глобата која е релативно ниска. Значи глобата е од 300 до 500 евра. Ако се плати во рок од осум дена, се плаќа половина од глобата. Така што со новиот закон и со иницирање на дополнителни механизми за проверка на имотната состојба и покрај тоа што лицето не пријавило имот, ние можеме да оформиме предмет да провериме – дали нешто лицето крие, дали има имот кој сака да го сокрие. Така што се надеваме дека законот ќе биде усвоен. Во него се предвидени одредени зајакнувања на тој механизам.
РСЕ: Кои конкретно?
А.Ч.: Беше предложено доколку лицето по плаќање на глобата, ДКСК да го повика во одреден рок повторно да го повика да поднесе изјава. Доколку поднесе – во ред, доколку не поднесе повторно прекршочна санкција да може да му изрече. А исто така имаме механизам да го известиме органот којшто го избрал односно именувал лицето дека лицето одбива да да исполни должност. Најголем проблем и со сегашното решение и во иднина ќе биде со лицата што се избрани на непосредни избори. Таму немате орган кој ги избира и ги именува за да го известите – пратениците и членовите на советите и градоначалниците.
РСЕ: Како се работат предметите во Антикорупциска – според времето коишто пристигнуваат, па се отвора предмет и веднаш се работат или според големината и тежината – ако тие предмети се однесуваат на високопрофилни случаи и функционери?
А.Ч.: Ние по неколку основи оформуваме предмети и имаме три надлежности по кои оформуваме предмети. Тоа се следење на имотна состојба, судир на интереси и предмети со наводи за корупција. Сите предмети електронски се распределуваат согласно Деловникот на членови за комисија кои сте известители. Истите, понатаму од кога се прибира документацијата, се дискутираат на колегиуми и се носи на крајот и јавна одлука на јавна седница која се објавува јавно. Имаме огромен број пријави што укажува сепак на некој степен на голема доверба кон Комисијата како независен орган и во минатото и сега продолжуваат да пристигнуваат пријави. Но, согласно Деловникот за работа, ние сме обврзани да постапуваме по сите пријави. Можеби на крај на пријавата на постапувањето ќе произлезе дека залудно било постапувањето на Комисијата. Се работи за надлежност на друг орган да го препратиме, но постапуваме по сите. Деловникот не дава моментално за приоритизација на проблемите, но сепак Комисијата доколку оцени дека одреден предмет е од исклучителна важност за јавноста, му се дава приоритет. Имаме намера да извршиме одредени корекции, подобрување на Деловникот за работа со цел да се приоритизираат предметите, односно предметите за кои во старт се оценува дека немаат доволно елементи да може да се веднаш да се отфрлаат.
РСЕ: Еден таков пример којшто беше од висок интерес на јавноста како предмет Антикорупциска го оформи во февруари 2023 година е за купувањето на куќата на Арбен Таравари од пратеникот на ДУИ Исмаил Јаховски. Вие оформивте предмет како што кажав, меѓутоа се уште нема одлука од страна на Антикорупциска. Зошто?
А.Ч.: За тој предмет колку што сум информиран – беше оформен, а истовремено имаше или дополнително се оформи предмет за проверка на имотна состојба на Арбен Трафери, значи за целокупната имотна состојба во однос на пријавеното во неговиот анкетен лист. Двата предмети, бидејќи во двата случаи се прибавува идентична документација, се споени во еден предмет. Прибавена е документацијата, но, се уште не е донесена одлука. Верувам во нареден период ќе имаме одлука за тоа.
РСЕ: Имате временски рок за колку време треба да донесете одлука, бидејќи се поминати повеќе од две години?
А.Ч.: Законот така како што предвидува по секој предмет ние треба да донесеме одлука во рок од 60 дена. Но, и во тој дел а се детектира дека е невозможно во голем број предмети да се прибере документација, а камоли да се утврди фактичка состојба. И во тој дел имаме предложено измени на законското решение. Се делат предметите – кај предмети да речеме судир на интереси пократок ќе биде рокот. Кај предметите со наводи за корупција ќе има различни предмети, посложени предмети до 90 дена, поедноставни предмети до 60 дена. Така да, законското решение е такво какво што е, но практиката покажува дека во сите случаи невозможно е, имајќи го предвид и обемот на предметите, нашите капацитети како институција и начинот на прибавување на документација од другите надлежни органи.
РСЕ: За кои актуелни функционери Антикорупциска во тековната 2025 година има отворено предмети по сопствена иницијатива?
А.Ч.: Јас сум недела дена на позицијата претседател на Комисијата. Можам да кажам дека отворивме предмет во врска со информациите во јавноста за директорот на Службата за општи заеднички работи, односно дека наводно фирма на негово блиско лице има добиено голем број на предмети. Комисијата имаше колегиум, донесовме одлука за отварање на предметот. Претходната недела, исто така имавме пријава од политичката партија Социјалдемократски сојуз во однос на наводите дека одредена фирма добила неколку тендери, а фирмата е новооснована и има мал број на вработени.
РСЕ: Тоа е во Генералниот секретаријат на владата.
А.Ч.: Неколку институции мислам дека се три тендери. Не ме држете за збор.
РСЕ: Во однос на овие два случаи коишто ги отвори опозициската партија СДСМ, велите дека и за двата веќе е оформен предмет. Може ли да кажете во која насока сега ДКСК ќе постапува и од каде се ќе бара документација?
А.Ч.: Во однос на првиот предмет, колку што имам информација, се спорат самите тендери. Ќе се бара комплетна документација да се видат од институциите кои ги објавиле огласите, односно ги спровеле постапките, документација по однос на самите јавни набавки. Комплетна документација за да се анализира и да евентуално се детектираат неправилности во самите постапки.
Целото интервју тука