Македонија

Енергетска транзиција: Европа меѓу спринтери, маратонци и локални производители

Европа мора да најде нови начини да ја „чува“ енергијата

Замислете мрежа од милиони светилки што се палат и гасат секоја секунда. Таа мрежа е европскиот електричен систем. Во ерата на чистата енергија фокусот е на Сонцето и ветерот, чие производство на електрична енергија е непостојано. Доволен е еден облак да се изгаси цела соларна фарма, а во деновите без ветар замолчуваат и стотици турбини. За да остане мрежата жива, Европа мора да најде нови начини да ја „чува“ енергијата, затоа што само производ кој е достапен во секој момент по прифатлива цена значи стабилност во системот. Односно, не е доволно да имате доволно енергија за потрошувачите. Таа енергија треба да е и со прифатливи цени за потрошувачите.

Како изгледа идеалната комбинација која треба да обезбеди идеален енергетски микс да се извлече максимум од обновливите извори на енергија? Секој развиен систем се обидува да го најде миксот за кој поседува соодветни природни ресурси. Покрај фотоволтаиците и ветерниците, системот мора да обезбеди извори со складирана енергија и помали производители кои ќе го надополнуваат пиковите. Балансот е клучен, а за да се постигне во современите системи се развиваат проекти за батериите, пумпно складишните хидроцентрали (пумпни хидроцентрали), а и малите хидроцентрали.

Батериите се „спринтери“ со системот кои можат да реагираат во секунда кога е потребна нова енергија, но даваат енергија само неколку часа. Идеални се за премостување на кратки недостатоци во системот.

Малите хидроцентрали се како локални извори на енергија кои можат да обезбедат чиста енергија за локалната мрежа, особено кога се изградени согласно современите стандарди за минимизирање на нејзиниот отпечаток врз животната средина.

Малите ХЕЦ обезбедуваат локална сигурност и ја зајакнуваат мрежата блиску до потрошувачот. Додека на пумпните хидроцентрали се гледа како на кичмениот столб на европскиот систем.

Батерии – енергија со краток здив

Во Европа веќе никнуваат комплекси со батерии од новата генерација, кои стануваат сè поважен дел од енергетската мрежа. Тие не произведуваат електрична енергија, туку ја складираат во часови кога има вишоци во производството и цената е ниска, а потоа ја испуштаат назад во мрежата кога е потребна, а цената е висока поради силната побарувачка.

Во Велика Британија и Шкотска се градат три мегапроекти со вкупна моќност од 1,5 GW и капацитет за складирање од 3 GWh. Овие „супер батерии“ ќе можат за неколку часа да ја стабилизираат фреквенцијата на мрежата, но нивниот здив е краток – по три или четири часа тие ќе мора повторно да се наполнат.

Токму затоа батериите се гледаат како „спринтери“ во енергетската транзиција: реагираат брзо, но не можат да издржат долга трка. Тие се совршени за дневно балансирање и за намалување на ценовната волатилност во пикови, но не се решение за долги периоди со недостиг на ветер или сонце.

Сепак, нивното ширење е забрзано. Во 2024 година во Европа беа инсталирани над 15 GW нови батериски капацитети – тројно повеќе од пред само три години. Технологијата станува поевтина, а интересот на инвеститорите расте бидејќи батериите брзо се градат, носат приходи и ја зајакнуваат сигурноста на системот.

Езерата се батериите на пумпните хидроцентрали

Пумпната хидроцентрала е маратонец кој е осмислен како складиште за огромни количини енергија и може да ја произведуваат со денови, па дури и недели. Тие обезбедуваат сигурност дека мрежата нема да колабира кога обновливите извори затајуваат на подолго време. Европа во март 2025 стави јавен компас за складирање, односно листа на проекти за складирање, во кој водечка улога ѝ припадна на пумпно-складишната хидроенергија. Тоа беше јасен сигнал дека флексибилноста и складирањето се третираат како критична инфраструктура.

Овие политики веќе ги следат европските држави. Coire Glas ќе биде првата голема пумпна хидроцентрала што се гради во Обединетото Кралство по повеќе од 40 години. Проектот, кој се гради во Шкотска, има планиран капацитет до 1300 MW и користи голема долна акумулација – езерото Loch Lochy – со висинска разлика од над 500 метри до новото горно езеро. Со тоа, Шкотска и Британија добиваат стратешки енергетски објект кој ќе помогне во остварување на целите за нето-нула емисии. Пумпните хидроцентрали се клучни за интеграција на обновливите извори и за одржување на сигурно снабдување со струја.

Овој проект е еден од неколку кои се развиваат во Обединетото Кралство чие производство значајно ќе влијае на стабилноста и можностите за извоз на енергија на британскиот систем.

Пресврт во управувањето со хидроенергијата се случува и во Франција. Владата одлучи да овозможи приватни инвеститори да управуваат со шестте гигавати хидрокапацитети што досега беа во исклучива надлежност на државната компанија EDF. Со овој потег, што доаѓа по долги разговори со Европската комисија, хидроенергијата веќе не се третира само како национален ресурс, туку и како пазарен инструмент. Целта е да се внесе конкуренција и нов капитал, што треба да донесе пониски цени и свежи инвестиции во модернизација на постојните хидроцентрали.

Малите хидроцентрали – стабилизатори на локалната потрошувачка

Европа веќе има густа мрежа од мали хидроцентрали. Доминантен дел од над 21.000 објекти се со производствен капацитет под 10 MW. Околу 6.409 хидроцентрали или околу 21% од вкупниот број се сместени во заштитени природни подрачја. Тие се тивки играчи, сместени во долини и на мали реки и обезбедуваат локална струја, блиску до заедницата. Иако ја имаат поддршката од авторитетите кои ги планираат идните проекти, често се причина за судир со еко активистите и нивната изградба се движи бавно, што не значи дека улогата им е занемарлива.

Изградени и управувани согласно современите стандарди за минизирање на нивниот отпечаток врз животната средина, малите хидроцентрали произведуваат чиста енергија и можат да придонесат да се зајакне енергетската стабилност на системот.

Македонија има големи потенцијали за искористување на водената енергија, бидејќи само мал дел од вкупниот хидропотенцијал досега е искористен.

Балансот што мора да се најде

Енергетската независност не се мери само во мегавати, туку и во мудрост: кога да се користат батерии, кога да се потпреме на езера, кога да се дозволи мала хидроцентрала, а кога да се каже „не“.

Големите акумулациони брани и пумпните хидроцентрали ја држат кичмата на системот. Батериите даваат брза реакција, но за кратко време. Малите хидроцентрали, пак, можат да помогнат локално.

Европа денес вложува милијарди за да го најде овој баланс, решавајќи ја најтешката задача – да ја направи енергетската транзиција со искористување на силата на водата и да ја заштити животната средина.

 

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Запленети дури 237 парчиња електричен алат без документација, уапсени двајца

Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.

Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, рече претседателката на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

На свеченоста во Музејот на македонската борба за самостојност, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, министри, пратеници и општественици, таа подвлече дека Свети Климент Охридски, е нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј. Споменот за охридскиот светител, рече таа, е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на целото словенство.

Несими: „Бугари во устав“ е политички проблем, оти Бугарија ги оспорува македонскиот јазик, култура и историја, а може да уследат и нови барања!

„Вклучувањето на Бугарите во преамбулата на уставот останува политички и историски проблем, бидејќи Бугарија продолжува да ги оспорува македонскиот јазик, култура и историја. Поради оваа причина, вклучувањето на Бугарите во Уставот за дел од јавното мислење и политичкиот спектар е болно и неприфатливо, не поради бугарските граѓани во земјата, туку поради притисоците од Софија во текот на годините. Меѓутоа, историските можности не траат вечно. Тие бараат донесување тешки одлуки и политичка храброст. Ако избере С.Македонија овој пат да се колеба, тогаш ќе се изложи на опасност да ја пропушти можноста, за која никој нема да може да гарантира дека ќе се повтори некогаш.“ – наведува политичкиот аналитичар од Тетово Флоријан Несими во својата колумна со наслов „Историска можност, што не треба да се изгуби“.

Со остранувањето на билбордите, почна реконструкција на застарената Железничка станица во Скопје

Според директорот Железница Инфраструктура проектот за средување на железничката станица во Скопје ќе се одвива во фази и ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата како и соодветна илуминација.

To top