Македонија

(Фото): ССМ ги блокираше „газдите“, побараа почетна плата од 600 евра или генерален штрајк

ССМ во 12 часот ја започна блокадата пред Стопанската комора барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на сите останати плати. Неколку десетици луѓе излегоа на улица, од нив 21 колку што е потребно за блокада, стоеја пред зградата на Стопанската комора, а останатите на најблиската раскрсница.

Сојузот на синдикати на Македонија ја реализира втората од најавените три блокади, овојпат пред седиштето на Стопанската комора. Синдикалците испратија јасен ултиматум до работодавачите – минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за 6 000 денари. Работниците од пред зградата на Стопанската комора упатија порака до работодавачите да ги прифатат нивните барања и да ја задолжат Владата да ги субвенционира придонесите.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека протестираат пред газдите на компании кои „избркаа цели наши семејства во странство“.

  • „Тука сме кај истите оние газди кои одбиваат да ги зголемат платите. Владата веќе кажа дека се договорила со своите вработени, па сега ги остава газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Синдикалците и денеска, како и во вторникот пред зградата на Собранието, протестираа на две локации на кои имаше по 21 работник. Тој вели дека ова е направено намерно за да се испочитува Законот за јавни собири, но и за да се заштитат работниците од евентуални притисоци и фотографирање од страна на работодавачите.

  • „Сите притисоци кои се обидуваат да ги направат нема да нѐ откажат“, рече Трендафилов.

Присутните побараа од работодавачите да се откажат од дел од сопствениот профит за да им овозможат на работниците достоинствен живот со зголемување на платите.

Иван Пешевски од ССМ додаде дека условите во приватниот сектор се „мизерни“ и повеќе наликуваат на социјална помош отколку на достоинствена заработка. Синдикатот бара газдите да се откажат од дел од својот профит за да го подобрат стандардот на вработените, предлагајќи Владата да помогне преку субвенционирање на придонесите.

  • „Доколку не се одважат и газдите дел од колачот да го дадат на вработените, коишто им го овозможиле во минатото тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади, со шатори, и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече Пешевски.

Тој рече дека секое седнување на маса со претставниците од приватниот сектор, кои се претставуваат како големи газди и работодавачи, не е социјален дијалог кој доведува до унапредување на работничките права и плати. Тие, вели Пешевски, се обидуваат да го скратат сè што синдикатот обезбедил во минатото како единствен репрезентативен синдикат при Сојузот на синдикати на Македонија во приватниот сектор.

Од ССМ велат дека идната недела ќе излезат на блокади пред Владата. Протестот е најавен за вторник, кога се одржуваат и владините седници. Оттаму велат дека доколку ваквите активности на синдикатот не резултираат со позитивен исход, најавен е уште еден протест, кој ќе биде организиран во неработен ден за да му се даде можност на секој работник што сака да присуствува, како и организирање генерален штрајк.

 

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

Се возобновува Средното полициско училиште, ќе се запишат 200 ученици! – На 1.7.2026 јавен повик за прием на ученици

Околу двесте ученици ќе се примаат во првата, односно 25 класа на новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, за кое јавниот повик за учебната 2026/2027 година се очекува околу 1 јули. Со него ќе се возобнови средното полициско образование по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

Протест на ОМД кон Бугарија: Ако е закана Менкиноски, кој ги брани правата на Македонците пред ЕСЧК, тогаш сите сме закана!

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон, САД, изразува сериозна загриженост и протест поради одлуката на бугарските власти со која на адвокатот Тони Менкиноски му се изрекува 10-годишна забрана за влез во Бугарија.

To top