На денешното рочиште покрај сведокот на одбраната, адвокатот на семејството Ристови сведочеше и вработен како специјалист за кибербезбедност во МВР и сопственик на мобиларница за сервис и продажба на мобилни телефони во Скопје. Тој беше предложен од страна на обвинителката Искра Хаџи Василева.
Тој одговори само на едно нејзино прашање – „дали обвинетиот Ѓоко Ристов на 3 декември 2025 година бил да поправа мобилен телефон“, на што сведокот рече „јас не сум примил телефон од господинот и ја дадов мојата целосна евиденција за прием на телефони од мојот систем“.
На вкрстени прашања од одбраната на Ѓоко Ристов, адвокат Ѕвонко Давидовиќ, сведокот појасни како се врши евиденцијата за водење телефони што дошле на сервис. – Пишуваме кој телефон дошол и телефонски број и име на тој што го донел – изјави сведокот.
Сведокот исто така појасни дека од Обвинителството дошле и барале конкретен телефон „самсунг“ дали бил донесен на сервис по што тој им покажал во евиденијата дека таков телефон немало. На прашање од обвинетиот Ѓоко Ристов дали на 3 декември по 19 часот дошол и го дал телефонот, црн „самсунг“ со скршен екран и притоа му рекол „дали може да извадиме податоци“ и „ми рековте не“, сведокот рече дека не се сеќава.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, по сослушувањето на сведокот, побара од судот да изврши увид во списи на предмети за двајца обвинети – Маријан Стоевски и Фехми Стафа, каде што судија е сега обвинетиот Ѓоко Ристов.
На прашање од новинарите врз која околност бил сослушан денешниот сведок на Обвинителството, Хаџи Василева појасни дека тој бил повикан „за еден ситен, мал факт да го потврдиме“, дека обвинетиот, како што посочи, „спротивно на својот исказ дека бил таму и го однел на поправка, воопшто не бил“ и оти „телефонот нам како истрага не ни беше достапен, оној телефонски апарат што го користел дотогаш“.
– Обвинетиот, и во однос на изјавата што претходно ја дава и пред полициски службеници и во Обвинителството дека телефонот го однел на поправка, не ја кажува вистината и лаже, и во однос на тој едноставен факт, бидејќи телефонот не го однел на поправка – изјави Хаџи Василева.
Бранителот на Ѓоко Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, по денешното рочиште, изјави дека Обвинителството не понудило докази со кои недвосмислено би се потврдиле наводите во предметот.
Судењето продолжува на 6 октомври кога треба да се продолжи со сослушување сведоци на одбраната, меѓу кои и Фехми Стафа.