За учество во традиционалното спуштање на крстот во Вардар во центарот на Скопје на 19 јануари на Богојавление – Водици, се пријавиле речиси 140 лица, информираше вчера за МИА отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје.
„Оние што се во ред со здравјето може да учествуваат на манифестацијата Водици. Има голем интерес и досега се пријавени речиси 140 граѓани.
Вечерва до 19-20 часот ќе се земе списокот и ќе се види точниот број. Малолетници може да учествуваат со дозвола од родител и со потврда од спортска медицина и ќе треба да присуствуваат со родител.
Потребни се лична карта и потврда од спортска медицина, заверка на картоните на самиот ден – 19 јануари. В понеделник во 7:30 часот секој што е запишан и има добиено картонче за учесник да дојде зад храмот ‘Рождество на Пресвета Богородица’, каде што ќе се стави печат на картоните и само така ќе бидат пропуштени од МВР покрај реката Вардар за да учествуваат во манифестацијата“, рече отец Благоја.
Тој изјави дека некои од учесниците постат и сакаат да се причестат пред спуштањето на светиот крст. Оној што прв ќе стигне до крстот, ќе биде соодветно награден од МПЦ.