Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски информираше дека е објавен тендерот за реновирање на последниот дел од булеварот „Борис Трајковски“, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево.
Градоначалникот вчера изјави дека е предвидено активностите да започнат во наредните 40 дена.
Проектот опфаќа реконструкција и проширување на потегот од 850 метри, почнувајќи од трафостаницата во Пинтија па сè до кружниот тек во Драчево. Ова тесно грло, низ кое секојдневно поминуваат над 100.000 граѓани, со години беше симбол за метеж, оштетени возила и безбедносен ризик.
„Објавена јавната набавка за изградба на булеварот „Борис Трајковски“. За мене, еден од најважните капитални проекти. По завршувањето на законската процедура, за околу 40 дена започнуваме со работа, додека рокот за изведба е до крајот на оваа календарска година. Предолго, овој булевар беше симбол на застојот. 850 метри, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, беа 850 метри нервоза, прашина, оштетени возила, изгубени часови и скршени надежи“, соопшти Ѓорѓиевски.
Тој изјави дека проширениот булевар ќе има четири коловозни ленти и пешачко-велосипедска патека и ги замоли граѓаните на трпеливост за време на градежните активности кои следат.