Македонија

Група лекари реагираат, поради „нелегитимност и низа скандалозни одлуки“ и бараат „одговорност во Лекарската комора“!

„Како лекари и членови на Лекарската комора со длабока загриженост и чувство на професионална одговорност реагираме, поради серијата неправилности, кои сериозно го нарушуваат интегритетот на изборниот процес, а со тоа и угледот на целата наша струка.“ – стои во дописот од група на доктори кои биле вклучени во тие избори.

Во оваа реакција натаму се истакнува: „Прво и основно, мора да се истакне прашањето за легитимитетот на самата Централна изборна комисија (ЦИК). Ова тело беше избрано од страна на сегашната претседателка на Комората, чиј мандат официјално истече уште на 1 јули 2026 година. Во правна држава и професионална организација, одлуките донесени од страна на функционер чиј мандат е истечен ја губат својата правна заснованост. Оттука, и самиот избор на ЦИК носи сериозен печат на нелегитимност.

Второ, од самиот почеток на своето работење, оваа Комисија донесе низа контроверзни, непрофесионални и логички неодржливи одлуки:

-Сериозни пропусти во изборниот материјал и поништување на гласањето: Поради директна грешка и недозволива небрежност на ЦИК при потврдувањето на гласачките ливчиња, беа погрешени имињата на одделни кандидати. Ваквиот аматеризам и пропуст резултираше со поништување на гласањето во дури две избирачки места, со што директно се наруши регуларноста на процесот и се одзеде правото на соодветно изјаснување на делегатите.

-Импровизации со начинoт на гласање: Еден од првите скандалозни потези беше одлуката за набавка и користење на флуоресцентни пенкала во различни бои за секој избирачки одбор поединечно. Во изборната пракса и според општите стандарди, добро е познато дека волјата се изразува исклучиво со сино хемиско пенкало. Воведувањето шарени флуоресцентни пенкала не само што внесе непотребна конфузија, туку отвори и оправдани сомнежи за можноста за обележување на гласачките ливчиња.

-Попречување на јасно изразената волја на гласачите: По завршувањето на изборниот ден, ЦИК донесе уште една спорна одлука со која за неважечки се прогласуваат ливчињата на кои името на кандидатот е заокружено, но и подвлечено. Според сите изборни начела, основно правило е да се испочитува и заштити недвосмислено изразената волја на гласачот. Ако кандидатот е јасно заокружен, секое дополнително подвлекување само ја потврдува, а не ја поништува таа волја. Како директна последица на овој преседан е и случајот каде Суб. спец. гастроентерохепатолог д-р Глигор Евчески од К.Б. Тетово беше кандидат за делегат на една од листите, каде што резултатот со неговиот противкандидат беше целосно израмнет. Токму поради едно вакво ливче, на кое неговото име било и заокружено и подвлечено, ЦИК одлучува да го поништи гласот и наместо да ја признае јасната волја на гласачот, бара целосно прегласување од почеток за целиот општински одбор.

Лекарската комора мора да биде пример за транспарентност, законитост и етика. Лекарите заслужуваат комисија која ќе ги штити изборните права, а не тело кое со кардинални грешки, нестандардни правила и спорни одлуки фрла сенка врз изборниот процес.

Поради сите горенаведени причини, бараме итно преиспитување на сите донесени одлуки, враќање на процесот во рамките на законитоста и обезбедување целосна демократичност при изборот на новото раководство на Лекарската комора“, се наведува во дописот.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Македонија меѓу земјите со најниска цена на струјата во Европа

Македонија со цена на електричната енергија од 11,6 евроценти е во земјите со најниска цена во Европа во првата половина на годинава. Ирска во првата половина на годинава имала највисоки цени на електричната енергија, од 0,39 евра за kWh. Ова го покажуваат податоците на Евростат објавени во серијалот „Statistics Explained“ (Објаснети статистики) посветен на цените […]

Постигнати очигледни конкретни резултати – Сиљановска-Давкова го прими извештајот на ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот за 2026 година

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на маакедонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за античка историја со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. Денес, на 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Извозот зголемен за 10,8% – најмногу се тргува во земјите на ЕУ, но кои земји се во фокус?!

Во периодот јануари – септември 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет земји учествуваат со 49,7 проценти во вкупната размена.

To top