Македонија

Хорас Лант, еден од водечките светски македонисти и автор на македонска граматика, ја „бетонира“ вистината за самобитноста на македонскиот јазик

Денешното навршување на 15-та годишнина од смртта на Хорас Лант е соодветна пригода за осврнување кон неговото македонистичко дело, кое е од исклучително значење за македонскиот народ. Уште пред седум децении Лант целосно ги поби сите негаторски тези дека македонскиот јазик некој по своја „милост“ го измислил во 1944/1945 година, како што „трубат“ Бугарите денес низ Европа.

Пишува: Свето Тоевски

Постои огромна литература што се занимава со потеклото на македонските дијалекти и прашањето за нивниот однос со српскиот или со бугарскиот јазик. Поголемиот дел од оваа литература е полемичка и безнадежно пристрасна. Македонскиот, како и повеќето други литературни јазици, содржи елементи од неколку регионални дијалекти, но не е идентичен со ниту еден дијалект… Постои нешто што може да се идентификува како стандардна македонска литература.“наведува американскиот славист и македонист Хорас Лант во својата бележита „Граматика на македонскиот литературен јазик“, која ја напишал во 1952 година. Лант не само што воспоставил реска разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик туку во својата граматика пред 73 години посочил и на истражувањата на македонскиот јазик и неговите дијалекти во многуте векови на нивното постоење на целата македонска етнојазична територија. Хорас Лант е роден на 12 септември 1918 година, а починал на 11 август 2010 година. Денешното навршување на 15-та годишнина од смртта на Лант, еден од водечките светски македонисти, е соодветна пригода за осврнување кон неговото македонистичко дело, кое е од исклучително значење за македонскиот народ и меѓународното научно потврдување и „бетонирање“ на вистината за самобитноста на македонскиот јазик.

Уште пред седум децении, Лант целосно ги побил сите негаторски тези дека македонскиот јазик некој по своја „милост“ го измислил во 1944/1945 година, како што тврдат денес бугарските политичари и лингвисти низ Европа. Во својата научна статија „Хорас Лант (1918–2010)“ професорката по дијалектологија д-р Убавка Гајдова има констатирано дека со својот живот и работа американскиот лингвист и славист Хорас Лант се искачи на врвот од македонската лингвистичка наука речиси уште во нејзиниот зародок. Тој стана и остана докрај близок пријател на многумина Македонци, македонисти и на Македонија.“ – истакнува Гајдова , изнесувајќи низа важни факти за животот и научната дејност на Лант.

Лант студира германски и словенски јазици на Универзитетот Харвард (1937-1941), како и на Универзитетот Калифорнија во Беркли (1941-1942). Како учесник во Втората светска војна, во 1944 година служи во американско-британска единица во Бари, Италија. Тука имал можност да се среќава со бегалци од Југославија, а меѓу материјалите што тие ги носеле имало и македонски весници и една од првите книшки преведени од руски на новиот стандарден македонски јазик „Станавме други луѓе“ од Бенјамин Каверин. Тоа е првиот непосреден допир на Лант со македонскиот јазик. Веќе во 1946 година Лант стапува во служба како асистент на Универзитетот во Беркли. Потоа заминува во Прага, на Карловиот универзитет, каде што во академската 1946-47 година професорот Антонин Фринта воведува во програмата прв курс за стандарден македонски јазик. Овој курс оставил значаен впечаток кај Лант.

Во 1950 година Лант учествува на Семинарот за странски слависти, што во организација на Министерството за наука и култура на Југославија се одржал на Блед. Тука започнуваат неговите контакти со Блаже Конески, Крум Тошев и со Харалампие Поленаковиќ. Во 1951 година Лант престојува три месеци во Скопје. Под раководство на Конески, Лант има можности да го истражува македонскиот јазик. Во неговата работа од исклучителна помош му биле Божидар Видоески и Рада Угринова, во тоа време, асистенти на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Универзитетот во Скопје. Веќе во учебната 1951-52 година, Лант ја пишува граматиката на македонскиот јазик, врши избор на текстови што ќе бидат внесени како репрезентативни примери на македонскиот стандарден јазик и го составува речникот, кој е вклучен во истото издание. Во 1952 година се отпечатува Лантовата „Граматика на македонскиот книжевен јазик“.

Овој труд е прв монографски опширен опис на македонскиот јазик од странски лингвист, но и прв сериозен македонско-англиски речник. Граматиката на македонскиот книжевен јазик од Лант, објавена на англиски јазик, станува двигател на интересот на странските слависти за македонскиот јазик, но и моќен амбасадор на македонската култура и литература во светски рамки. Зачетник е на македонистиката во Северна Америка. Македонската граматика на Лант е и денес е многу ценет и цитиран труд.“ – нагласува Убавка Гајдова.

Македонскиот народ треба посоодветно да им се оддолжи на Хорас Лант и Влоѓимјеж Пјанка

Хорас Лант е избран како прв од редот на академиците од надворешниот состав на МАНУ во 1969 година. За време на својот работен век, тој беше професор во Харвардскиот универзитет и долгогодишен шеф на Катедрата за словенски јазици и литература. Тој е автор на серија статии за словенските јазици, меѓу кои и за македонскиот, во изданијата на енциклопедијата Британика. Лант објавил голем број научни трудови и студии за македонскиот јазик, меѓу кои позначајни се: „Преглед на Македонската литература“ – Харвардски славистички студии (1952), Создавањето на стандардниот македонски јазик: некои факти и ставови“ (1959), „За губењето на деклинацијата во бугарскиот и македонскиот јазик“ (1965), „Некои социолингвистички аспекти на македонскиот и бугарскиот јазик“, (1986), „За македонската националност“ (1986) „Времето и македонскиот јазик“ (1999).

Влоѓимјеж Пјанка и Хорас Лант остануваат засекогаш запаметени со своето научно дело за македонскиот јазик во колективната меморија на македонскиот народ. Авторот на овие редови смета дека македонскиот народ и македонските државни и научни институции треба на Лант и Пјанка да им се оддолжат посоодветно поради нивниот драгоцен придонес кон афирмацијата и одбраната на македонскиот јазик, идентитет и култура. Дали би било можно дел од главните амфитеатри во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ или во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да бидат именувани „Хорас Лант“ и „Влоѓимјеж Пјанка“? Дали би било изводливо за Град Скопје и Општина Центар да постават во централното градско јадро спомен-обележје за овие искрени и големи пријатели на Македонија и на македонскиот народ, но и да се именуваат по една улица со нивното име? 

„Нова Македонија“

 

Најнови вести од: Македонија

Влоѓимјеж Пјанка, остриот критичар на бугарските негирања на македонскиот јазик: Во нив нема никаква логика!

Дали би било можно дел од главните амфитеатри во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, или во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да бидат именувани „Влоѓимјеж Пјанка“ и „Хорас Лант“, според овие големи светски македонисти и пријатели на Македонија? Дали би било изводливо за Град Скопје и Општина Центар да постават во централното градско јадро спомен-обележје за нив, но и да се именува по една улица со нивното име?

Мицкоски ги повика гласачите да не паѓаат во замката на ДУИ кои наметнуваат теми од минатото

Премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува предизборната кампања за локалните избори да се води околу реални проекти, но, како што вели, ДУИ наместо да зборува за иднината, „нѐ враќа 30 години наназад“ и наметнува теми од минатото. – Очекувам кампања со идеи, со планови за нови училишта, спортски сали, автопати… но очигледно, ДУИ […]

Најнови вести

To top