Македонија

Истраги со технологија без луѓе е ризик, Јанев за новите технологии и работата на полицијата

Силата на современото спроведување на законот лежи во дисциплинираната и одговорна интеграција на човечкиот фактор и технологијата

Денес и утре, Македонската полиција е домаќин на регионалната конференција на тема „Човечкиот фактор наспроти технологијата во собирање докази против високоризични криминални мрежи“, која се одржува по иницијатива на Бирото за јавна безбедност и Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, со финансиска поддршка од Проектот EU4FAST.

На конференцијата учествуваат претставници на полициските служби и јавните обвинителства од Белгија, Словенија, Италија, Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, како и претставници на Проектот EU4FAST, Европол, Интерпол и партнерските безбедносни агенции присутни во Република Северна Македонија.

Во своето обраќање, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, вели дека борбата против транснационалниот организиран криминал бара цврста и суштинска меѓународна соработка.

„Во борбата против транснационалниот организиран криминал, меѓусебната доверба, отворената соработка и континуираната размена на информации и знаења не се избор, туку неопходност. Само преку вистинско партнерство можеме ефикасно да одговориме на закани кои не познаваат граници“, смета директорот Јанев.

Тој посочува дека технологијата претставува клучен сојузник во современите истраги, но дека нејзината примена мора да биде во рамките на јасен човечки и институционален контекст.
„Технологијата ги зајакнува доказите, ја зголемува безбедноста на полициските службеници и овозможува финансиско и дигитално следење на криминалните активности. Но, без човечки контекст, податоците остануваат нецелосни, а без технолошка поддршка, истражителите се изложени на непотребен ризик. Силата на современото спроведување на законот лежи во дисциплинираната и одговорна интеграција на човечкиот фактор и технологијата“, истакна Јанев.
Директорот на БЈБ нагласи дека успехот на органите на прогонот не се мери само преку лишување од слобода на сторителите, туку преку обезбедување одржливи обвиненија и правосилни судски одлуки.

„Ефикасната борба против транснационалниот организиран криминал зависи од рана, континуирана и структурирана соработка меѓу истражителите и јавните обвинители. Партнерството меѓу истражителот и обвинителот е камен-темелник на кредибилен и ефикасен институционален одговор на криминалот“, рече Јанев.
Истовремено, тој упати порака дека отвореноста и партнерството меѓу државите и институциите задолжени за спроведување на законот значи напуштање на фрагментираниот пристап и градење реална, синхронизирана и системска соработка насочена кон внатрешните структури и раководните нивоа на криминалните мрежи.

„Со искрена, заедничка и партнерска соработка, криминалните мрежи, структури и поединци никаде не смеат да се чувствуваат безбедни, заштитени или недопирливи“, порача директорот на БЈБ, Александар Јанев.

Најнови вести од: Македонија

Утре е Велика Сабота – ако го испочитувате овој обичај, сè ќе тргне на подобро

Кога е во прашање овој ден, многу православни верници се во недоумица дали се пости или не. Иако саботата важи за ден кога по правило не се пости строго (туку на масло), свештениците велат дека на Велика сабота треба да се пости исто како и на Велики петок (на вода). На Велика сабота не е добро да се оди во лов и риболов, а се забранува и колење на стока и живина.

Стружани за Велигден негуваат традицијата во која се преплетуваат литургиската свест, симболиката на празникот над празниците и културниот идентитет

Во деновите кога православните христијани со молитва и надеж го очекуваат Христовото воскресение, во охридско-струшкиот регион сè уште живее еден стар обичај длабоко вкоренет во духовната традиција

To top