Македонија

Карпош се враќа на мапата на функционални општини – засилени комунални активности и нова инфраструктурна динамика

Лукровски даде отчет за 100 дена

Сто дена посветени на враќање во редот на секојдневните комунални прашања, чистење на депонии, стабилизирање на системите и поставување основа за поодржлив развој, сe резултатите на првите денови од работата на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски. Градоначалникот посочи дека првите 100 дена ја вратил комуникацијата со граѓаните, транспаретноста и го вовел граѓанскиот буџет, со цел жителите активно да учествуваат во креирањето на локалните политики.

„Карпош мора да биде чиста, функционална и организирана општина. Работата започнува од основните приоритети, од јавниот простор, од безбедноста и од условите во училиштата, затоа што токму таму граѓаните најдиректно го чувствуваат квалитетот на локалното управување. Кога ќе се воспостави ред во овие сегменти, се создава стабилна основа врз која може да се планира одржлив развој, подобра инфраструктура и поквалитетни услуги за сите жители“, изјави Лукровски.

Еден од првите фокуси беше животната средина и состојбата со дивите депонии. Во повеќе делови од општината се расчистени запоставени локации, меѓу кои и просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, како и неколку точки во Бардовци. Само на потегот кај „Скупи 5“ и на патот кон Бардовци беа подигнати над 3.500 кубни метри отпад. Од редовните активности се секојдневните активности за подобрување на осветлувањето, редовната дератизација и одржување на противпожарната и хидрантската инфраструктура во училиштата и градинките.

“Проблемите, евидентно, биле оставани да се решаваат сами од себе. Реално со години немало значајно помрдување и ефективна реализација, а транспаретноста на општината не беше на некое завидно ниво. Токму ова е еден од нашите приоритети бидејќи Карпош заслужува одговорни и транспарентни активности и ефикасно спроведување на проекти. Оваа година одбележуваме 50 години од основањето на Општина Карпош и ние мора да го вратиме имиџот на општината која е во срцето на градот, а со неа се однесувале како да е последна во градот“, – изјави градоначалникот Сотир Лукровски.

Со почеток на мандатот, започнат е процесот на нова инфраструктурна динамика. Во тек е изградба на мултифункционална спортска сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“, реконструкција на спортското игралиште во ООУ „Владо Тасевски“, подготовка на теренот за изградба на спортска сала во ООУ „Братство“, како и повеќе улични реконструкции во општината. Во населбата Бардовци се работи на канализациската мрежа, во завршна фаза е реконструкцијата на градинката „Мајски цвет“ за која наследивме нецелосен проект кој што не ги задоволуваше стандардите и бевме принудени веднаш да реагираме, соодветно да постапиме и итно да обезбедиме дополнителни средства за реализација со цел задоволување на сите потребни стандарди на објектот со примарен фокус – безбедност на децата, а во тек се подготвителни активности за изградба на новата градинка „Пролет – Канела“.

Општината реализира и субвенции за покриви и лифтови со што директно се подобруваат условите за домување на нашите жители. Со отстранување на хаварисани возила вратени се во функција зелените површини и ослободени се повеќе од 150 паркинг места, се спроведоа контроли за узурпација и се започна со постапки за рушење бесправно изградени објекти, а воспоставен е и систем за собирање и рециклирање на отпаден текстил. Во образованието, пренасочени се средствата за протоколарни трошоци во покривање на комуналните обврски на училиштата и подобрување на условите за учениците. Поддржани се меѓународни образовни соработки, доделени се награди за ученици и ментори, а преку проекти како Erasmus+ GREENARIUM се поттикнува практично и еколошко образование.

Во социјалната сфера, поддршката е насочена кон семејствата и ранливите категории. Доделени се субвенции и ваучери за новороденчиња, еднократна финансиска помош за лица во социјален ризик и лица со попреченост, како и поддршка за Црвениот крст Карпош. Општината објави и јавни повици за поддршка на спортски и културни иницијативи, а започнати се и активности за завршување и пуштање во употреба на Базен Карпош. Во периодот што следи, ќе се отвори Младински центар во Карпош. Локалната самоуправа ќе овозможи простор со големина од 270 м2 за младите лица на возраст од 15 до 29 години, каде ќе се јакнат нивните индивидуалните вештини за вработување, преку организирање на креативни работилници и други техники за унапредување на формалното и неформалното образование.

Во рамките на спортската сала „Партизан“, ќе функционира канцеларија на Ресурсниот центар – Карпош. Основната дејност на Центарот ќе биде здружено делување преку вмрежување и аплицирање на проекти кои би биле од нивни интерес, како и од интерес на локалната самоуправа и на граѓаните. „Ова е само почеток. Нашата цел е Карпош да стане пример за функционална локална самоуправа што работи транспарентно, одговорно и во интерес на секој жител“, – истакна градоначалникот.

Лукровски посочи дека отчетноста ќе остане редовна пракса и дека општината ќе продолжи транспарентно да ги информира граѓаните за сите реализирани активности и идни чекори.

Најнови вести од: Македонија

Lidl почна изградба на маркет во Гевгелија: Инвестиција што носи раст, нови вработувања и поддршка за домашните производители

Со свечена церемонија на поставување камен-темелник, Lidl официјално ја започна изградбата
на уште еден маркет во земјава. Овој продажен објект ќе биде лоциран во Гевгелија и е прв
маркет на Lidl во оваа општина, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во
Македонија.

(Видео): Кој беше Борис Трајковски, како загина и што ни остави?!

Покрај претседателот Борис Трајковски, во авионската несреќа животите ги загубија членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината од трагедијата денеска се одбележува во Скопје, родниот град на поранешниот претедател, Струмица, како и во Ротимље

(Фото): ​Потпишан меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ и МЦГО

Во образовниот сегмент, преку оваа соработка во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од април започнуваат низа активности. Учениците ќе поминат обуки за медиумска писменост и поголема безбедност на интернет, ќе реализираат сопствени младински иницијативи и ќе учествуваат во „Отворен ден за пријателство и почит“. Проектот ќе биде придружен и со соодветна медиумска кампања на социјалните мрежи, насочена кон промоција на вредностите на проектот и заштитните механизми во заедницата.

Најнови вести

To top