– Кога доаѓаат луѓе од факултетот, тоа е за мене добра вест за уставното судство. Извршувањето на должноста е дел од карактерот и кредибилитетот на човекот. Нема никакво значење дали дали бил советник на премиер, ниту тоа што и ја самиот сум бил советник на тројца претседатели. Нашата работа се цени токму во оваа сала. Јас повеќе пати имам кажано и сите мои шест досегашни книги се посветени на лојалноста кон Уставот. Лојален сум на Уставот и никому друг. И тоа го очекувам и од новиот колега, ако биде избран, и од другиот што треба да биде, и од досегашните судии – рече Дарко Костадиновски.
За предлогот на ДУИ да има бадинтер и во Уставниот суд, Костадиновски истакна дека бадинтеровиот принцип е многу значаен принцип, но за политички органи какво што е Собранието, каде што се донесуваат, се изменуваат и се дополнуваат законите.
– Уставниот суд не е политички орган. Ако се примени бадинтер во Уставниот суд, тоа ќе значи дека друг тип расудувања, неправни расудувања, ќе одлучуваат за уставноста и законитоста, како и за слободите и правата на човекот и граѓаните. Такво нешто нема никаде во светот. И затоа бев малку поостар во смисла дека ако такво нешто се случи, подобро е оваа институција да стави клуч и оти ќе нема потреба од постоење на оваа институција, ако нешто такво се предвиди тука. Законите и нивната примена значат гаранции за слободите и правата на секој еден граѓанин, и на немнозинските заедници. Тоа е смислата на бадинтеровиот принцип. За бадиентеровиот принцип нема место ниту во Судскиот совет, затоа што други критериуми се. Кога имате бадинтеров принцип, нема правни аргументи. Друг тип на аргументи ќе пресудуваат за одлуките – истакна тој.
За Законот за употреба на јазиците, Костадиновски рече уште е во сила заклучокот оти треба да има подготвителна седница.
– Очекувам многу брзо да се комплетира Уставниот суд и веднаш на првиот работен состанок ќе се отвори прашањето, природно. Ние имаме заклучок дека подготвителна седница треба да се одржи. Тој не е сменет. И никој од судиите не побарал да се смени. Кај нас одлука носат пет гласа. Можеби некој судија ќе рече дека нема потреба за подготвителна седница, па тој предлог ќе оди на гласање. Сега во моментов, сѐ уште е во сила заклучокот дека треба да се одржи подготвителна седница и треба да се одржи, ако јас се прашувам, бидејќи беше мој предлог. Зашто е добро? За таа подготвителна веќе имаме донесено став, ќе се снима во живо, секој еден граѓанин ќе може на својот телефон да види за што ние расправаме во суштина – рече претседателот на Уставниот суд.
Костадиновски апелира граѓаните да не наседнуваат на политички манипулации.
– Многу ми е битно граѓаните да слушнат за што всушност ние зборуваме, дека нашите одлуки не се страшила. Дали се случи нешто страшно со Балансерот со нашата одлука? Сега ќе има законско решение. Пред тоа беше уредено со подзаконско решение. Уставна материја операционализирана со подзаконски решенија. Не постои такво нешто. Уставните определби се операционализираат со законски решенија, а законските со подзаконски. Верувам дека тој закон ќе биде подобар. Штом го поминал и филтерот на Венецијанската комисија, барем според јавно достапните информации. Треба да престанеме да глумиме владеење на право и да глумиме правна држава. Или сме правна држава, или владее правото, или за 10 години ќе се чудиме повторно како ќе се најдеме – рече тој.
Во однос на барањето на албански студенти правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, Костадиновски нагласи дека не сака да прејудицира нешто и ќе се воздржи од коментар на оваа тема кога има предмет за Законот за употреба на јазиците.
Според Костадиновски, линеарното зголемување на пензиите, начелото на јавност во судството, Законот за потрошувачите, нерезидентните, глобалниот данок… се дел од предметите кои се од повисок општествен интерес.