Македонија

Менкиноски со конкретно сомнение зошто му била изречена забрана за влез во Бугарија

Истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март на влез во Бугарија

Бугарија му забранила влез во земјата на адвокатот Тони Менкиноски до 2036 година. Тој вели дека во официјалниот документ што го добил стоело дека наводно тој претставувал закана за националната безбедност на Република Бугарија.

Менкиноски на денешната прес-конференција изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март на влез во Бугарија.

– При преминување на границата луѓето кои работеа таму не можеа никако да го поминат мојот пасош. Ме замолија да ја тргнам мојата кола на страна и притоа ми кажаа дека од Софија добиле известување со кое мора да ме задржат бидејќи треба да добијат некои документи. После половина час чекање на граница ми ги доставија овие документи, ми удрија црн печат на пасошот – вели адвокатот Менкиноски.

Според него, оваа одлука е срам за Бугарија, но и за Европската Унија и смета дека со неа се врши заплашување на адвокатите и директно мешање во независноста на адвокатската професија.

Како што вели тој, наместо да ги спроведат одлуките на Европскиот суд за човекови права, Бугарите преземаат мерки кои можат да се толкуваат како притисок врз адвокат.

– Бугарија мора да ги имплементира сите 14 пресуди, односно да го признае правото на Македонците да имаат свои клубови, своја политичка партија и свое идентификување. Сега ова е израз на немоќ сакајќи преку мене да покажат сила со тоа што не се дозволува влез на адвокатот кој ги застапува пред Европскиот суд за човекови права – истакна на прес-конференцијата Менкиноски.

Тој посочи дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори оваа одлука. Случајот ќе биде доставен и до Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ, и Обединетите нации, како и до меѓународните организации кои ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.

Став за оваа информација денеска новинарите побараа и од премиерот Христијан Мицкоски.

– Немам информација дали тоа е точно и кои се причините ако е тоа точно. Но доколку е точно тоа е уште еден срам за  демократијата кај нашиот источен сосед. Но, тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите од нашиот источен сосед. Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред сѐ, мислам на земјите-членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат, доколку се потврди дека ова е точно – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен темелник на универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“.

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

To top