Македонија

Мицкоски: Поради иницијатива на уставна судијка, над 70 проценти од пензионерите ќе земат помала пензија, тоа е неправда за нив!

Претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски истакна дека судијката на Уставниот суд, според последната информација, веќе ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите!

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска изјави дека повеќе од 70 проценти од пензионерите од следниот месец ќе добиваат помали пензии поради иницијативата на уставната судијка, а за што одлуката е веќе потпишана. – Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествува во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите, рече премиерот Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања.

– Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд, рече Мицкоски.

Според него, ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а нема да се зачуди, како што рече, доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите. – Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер, затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии. Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија, нагласи Мицкоски.

Премиерот рече дека најверојатно следната одлука што ќе дојде од истиот суд е да се одмрзнат платите на судиите и на обвинителите. – Значи, на пензионерите им се укинува правото, но затоа, пак, на овие обвинители и судии, бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра месечно, ќе треба да им се одмрзнат платите, а пензионерите со 10.000, 12.000 денари коишто треба да добијат 1.000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија, рече Мицкоски.

Тој смета дека ваквата одлука е неправда за пензионерите. – Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите, дециден е Мицкоски. Тој рече дека ќе зборува јавно се додека работите не дојдат на свое место и оти Владата ќе се потруди овие работи многу скоро да дојдат на свое место. – Затоа што очигледно такви се пораките што доаѓаат и ние треба да ги преземеме работите во свои раце, бидејќи сме одговорни пред граѓаните за да се надминат некои појави во судството, особено во обвинителството. Ги слушам јас тие пораки и ќе почнеме да дејствуваме, рече Мицкоски. 

Македонска информативна агенција – МИА

Најнови вести од: Македонија

Интервју: Глупост е Самуил да се враќа во Бугарија, тој таму никогаш и не бил, вели професор Атанасовски

Професорот Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Централна тема – договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија.

(Фото): Означен стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, улиците преполни со учесници

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а градоначалникот вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

Во пресрет на грејната сезона – парно, струја, дрва: Што најмногу го празни џебот?!

Најефикасното, но и најскапо современо решение е топлотна пумпа систем воздух-вода. Оваа инвестиција бара помеѓу 6.500 и 9.000 евра, иако потоа месечната потрошувачка на струја за целата куќа е приближна на трошокот за два инвертер уреди. За домаќинствата кои немаат буџет за вакви системи, поставувањето на три поквалитетни инвертер клими со инвестиција од околу 2.500 евра.

Секоја десетта цигара во ЕУ е нелегална, црниот пазар ја опфаќа и Македонија

Предизвик за европските институции не е само растот на нелегалното производство, туку и неусогласениот начин на кој земјите му се спротивставуваат. Националните системи за контрола и спроведување значително се разликуваат, кривичните дела и казните не се доволно хармонизирани, а и натаму постојат празнини во соработката и размената на информации меѓу надлежните институции.

To top