Мицкоски посочи дека приоритет на Владата е да испорача што е можно повеќе проекти за граѓаните и да создаде подобри услови за живеење нагласувајќи дека актуелната Влада ги одглавува и ги завршува проектите што, како што рече, биле закочени со децении или одреден период.
– Оваа Влада ја добила довербата од граѓаните за мандат од четири години. Имаме такви планови и таква динамика на реализирање на ветувањата. Работиме на објекти што биле закочени со децении, кои биле закочени одреден период. Оваа Влада со посветена работа ги одглавува, ги откочува и ги испорачува на граѓаните. И тоа е наш приоритет, како да испорачаме што е можно повеќе за да имаме подобри услови за живеење. Тоа е суштината на функционирањето на оваа Влада – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на оваа динамика на работа додавајќи дека опозицијата во Собранието има можност да поднесе иницијатива за предвремени парламентарни избори.
– Така што, еве, ние остануваме посветени на тоа, а здружената опозиција – Левицата, Демократската унија за интеграција и СДСМ во парламентот – може да се соберат, да поднесат иницијатива за предвремени парламентарни избори. Доколку здружената опозиција СДСМ, Левицата и ДУИ поднесат, тогаш ние како Влада ќе дадеме соодветен одговор – изјави Мицкоски.