Македонија

Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Обвинител во Вишото обвинителство грубо манипулирал, соучесник е во ова, ќе има истрага!

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби од страна на Основниот суд во Струга, и посочи дека во него, како што истакна, „има груба манипулација од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес“.

Мицкоски очекува истрага за овој случај затоа што, вели, од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имало поинаков извештај од тој што бил приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. „Јас вчера го следев случајот и се заинтересирав. И мислам дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши“, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола.

Тој вели оти не би сакал да шпекулира со имиња и презимиња затоа што допрва ќе има истрага за овој процес. „Набргу ќе има истрага затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој кој е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. Така што, ова нема така да заврши. Ова лично јас ви го гарантирам и јас лично ќе го следам овој случај“, рече Мицкоски.

Основниот суд во Струга му го вратил пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, а еден ден потоа тој ја напуштил земјава преку граничниот премин Табановце. Марковски е првообвинет во предметот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милион евра.

Најнови вести од: Македонија

Мирис на свадбарски купус, домашни специјалитети и есенска дружба: Утре „Есенско пазарче“ во Ново Село, Кумановско

Утре, 25 октомври, во Туршијара „Суперкиз“ во Ново Село посетителите ги очекуваат традиционални вкусови, настап на фолклорниот ансамбл „СРМА“, детски активности и работилница за компост. Пазарчето започнува во 10:30 часот.

Милошоски: Македонија е добро позиционирана и кон САД, но и кон ЕУ

Македонија може да води избалансирана и стратешки усогласена надворешна политика, која ќе овозможи истовремено продлабочување на стратешкото партнерство со САД преку дијалогот за стратешко партнерство како и зајакнување на политичките и економските врски со европските партнери

To top