Македонија

Муцунски: Неделава уште една евакуација на македонски државјани од Блискиот Исток

Се чека да се види дали ќе се зголеми интересот на македонските граѓани од ризичните подрачја, за да биде целосно искористен потенцијалот за извлекување што го организира државата.

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека кон средината недела ќе има уште една евакуација (трет лет со авион) на македонски државјани од Блискиот Исток, поточно од Бахреин, Катар и во Кувајт.

Тие ќе бидат однесени во Саудиска Арабија од каде се очекува во среда да бидат донесени со еден авион.

По синоќешното евакуирање на 151 лице од Дубаи кои пристигнаа Скопскиот аеродром, се очекува следен авион со сличен број патници.

„Веројатно авионот ќе мора да слета на територија на Косово, но ние ќе го организираме превозот од Приштинскиот аеродром до Скопје. За сето тоа навреме ќе информираме. Од Израел ги извлековме сите што бараа евакуација, освен еден државјанин, но тоа лице инсистираше извлекувањето да биде од територијата на Израел. Две групи извлековме преку Египет и тој процес успешно заврши. Има уште еден државјанин кој бара асистенција и за него бараме начин како да го евакуираме, не исклучувам дека во следните денови таа бројка ќе биде променлива. Нашите линии остануваат 24 часа отворени за нашите граѓани, во секое време, секој што смета дека не се безбедни условите, ние правиме сѐ во следниот период да ги извлечеме. Мојата цел како министер е до крајот на оваа недела сите наши граѓани од погодените подрачја што побарале евакуација да бидат во државава. Клучна и најбитна е безбедноста на граѓаните и тука не смееме да правиме компромис. Затоа, некогаш некои процеси можеби ќе траат подолго и ќе бидат посложени, но не смееме да дозволиме ниту еден наш граѓанин да биде ставен под ризик – рече Муцунски кој синоќа лично ги пречека патниците од Дубаи.

Министерот апелира македонските граѓани кои се наоѓаат во ризичните подрачја и се пријавиле за евакуација, ако одлучиле да не бидат евакуирани, тоа да го пријават, за да не останат празни места во авионот.

– Вкупно 14 граѓани кои требале да бидат на денешниот лет од Дубаи за Скопје до последен момент најавувале дека ќе дојдат, но не се појавиле на аеродромот. Ги повикуваме нашите државјани, кога одлучуваат да не ја користат оваа услуга, на евакуирање, да нѐ информираат навреме за тоа. Среќа што бевме подготвени и што се ангажираше нашата Амбасада со листа на чекање, да ги пополниме тие 14 места со граѓани што требаше да бидат на летот во вторник. Замолувам и апелирам на максимална одговорност зашто се трошат буџетски средства. Кога е во прашање безбедноста, нашата цел е секој лет да биде пополнет до последното возможно место – рече Муцунски.

Тој потсети дека за целокупната оваа операција на евакуирање македонските граѓани нема да треба ништо да платат.

Со синоќешниот чартер лет од Обединетите Арапски Емирати пристигнаа повеќе македонски државјани, но и еден од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца од Косово, четворица со холандско државјанство.

„ Приоритизација правиме според одредени категории граѓани за кои беше најпотребна итна евакуација. Над 600 македонски државјани вкупно се очекува да бидат евакуирани оваа недела, иако оваа бројка може да биде променлива. Ова за нас како институција е третпат во последната година да имаме ваква сложена операција, првата се случи по трагедијата во Кочани кога се носеа повредени граѓани надвор од државата, а потоа се организираше и нивно враќање.

Пред неколку месеци имаше исто така судири меѓу Израел и Иран и беше потребна репатријација. Сметам дека успешно и ефикасно го реализираме целиот овој процес кој не е нималку наивен. Нагласувам дека при изработката на сите овие планови и протоколи, клучен е ангажманот на нашите ДКП-а. За конкретниот лет, од Дубаи, од огромно значење беше работата на нашиот амбасадор во Емиратите и неговиот тим. Беа максимално ангажирани тие и нашата амбасада во Израел, во Каиро, во Катар и во Турција, која помогна да се извлече еден државјанин од територија на Иран – истакна Муцунски.

Најнови вести од: Македонија

Савески најави повлекување на сите обвинителски овластувања: „Затекнавме хаос во обвинителството“

Не може шеф на вишо обвинителство да застапува обвинение во друго. Па или шефувај, или оди на судења застапувај. Морам да знам кој што работи и еднаш засекогаш да се стави ред во Обвинителството“, рече Савески

Младите инженери ѝ се потребни на Македонија, таа мора да ги задржи, како?!

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на македонските инженери, по повод 106 години од основањето на првото македонско здружение на инженери, во организација на
Инженерската институција на Македонија. Во своето обраќање, министерката испрати пораки за улогата на инженерите во развојот на
државата, со посебен акцент на младите и жените како клучни носители на идните процеси.

ТАВ Македонија: 30 години од првиот лет Скопје-Виена со „Аустриан ерлајнс“

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП останува силно посветена на континуираниот развој на воздушниот сообраќај во земјата, преку унапредување на аеродромската инфраструктура, привлекување нови авиокомпании и отворање нови дестинации, со цел да ја зацврсти позицијата на скопскиот и на охридскиот аеродром како регионални центри за поврзаност и економски развој.

УЈП: Нема нови даночни обврски за студентите, ниту оданочување на веќе оданочени суми

Според јавно достапните информации и прашањата доставени до Управата за јавни приходи, данокот кој исплатувачите го задржале и платиле на доходот исплатен на студентите, им е вратен на студентите од страна на Германската даночна администрација. Овој доход (бруто износ) согласно одредбите од Договорот за одбегнување на двојното оданочување со Германија и Законот за данокот на личен доход е предмет на оданочување во Македонија. За дополнителни информации, граѓаните можат да се информираат преку официјалната веб-страница на Управата за јавни приходи.

To top