Македонија

Над 174.000 основци и 64.000 средношколци седнуваат во клупите

За прв пат во училишните клупи седнуваат 14.952 првачиња, според досегашните податоци на Министерството за образование и наука

Денеска започна новата училишна година за околу 238.000 ученици во основните и средните училишта низ Македонија, од кои за прв пат во училишните клупи седнуваат 14.952 првачиња, според досегашните податоци на Министерството за образование и наука (МОН).

Школската година ќе трае до 10 јуни наредната година, освен за матурантите за кои ќе заврши на 17 мај. Зимскиот распуст помеѓу двете полугодија ќе биде од 31 декември до 21 јануари.

Учебниците се распределени во училишатата во примероци колку што тие побарале од МОН.

„Набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција. Трета година по ред учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Тие се испорачани и од 1 септември може да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото“, истакна министерката за образование Весна Јаневска вчера.

Учебната 2026/2027 година ќе почне со едносменска настава во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти (подрачни и централни). Јаневска вчера повторно нагласи дека овој концепт обезбедува повеќе придобивки, а најважни се интересите на децата – поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.

Поради немање просторни капацитети за  воведување едносменска настава во некои поголеми градови, МОН реализира проекти за доградба на училници во училиштата. Во моментов се доградува во 14 училишта во скопските оштини Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, како и во Илинден и Градско, а уште 15 проекти, рече Јаневска, ќе почнат етапно во следните неколку месеци.

Во тек е реализација на 50-ина инвестиции за изградби и реконструкции на училишта, за нови спортски сали и училишни базени.

Јаневска информираше дека годинава ќе има 433 паралелки помалку – 222 помалку во основното образование и 211 во средното поради припојување на паралеки со по неколку ученици односно реорганизирање на наставата. Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта, а вкупно 148 се празни училишни објекти во државава, претежно во руралните средини.

За работа со деца со посебни образовни потреби оваа година МОН ангажира најголем број асистенти досега – 1.358 во основно и 166 во средно образование.

За учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, ќе биде достапна можноста воведена законски минатата година – да се вклучат онлајн во наставата во класот или, пак, наставникот индивидуално да работи со нив.

Во новата учебна година, рече Јаневска, продолжува грижата за талентираните ученици, така што МОН ќе ги покрива целосно трошоците за пат и учество на меѓународни научни олимпијади.

Јаневска потсети и дека се реализира одлуката на Владата за 15 отсто пониска цена на училишниот прибор,  што ќе важи до 30 септември, и дека во октомври ќе бидат објавени конкурсите за ученички стипендии.

 

Најнови вести од: Македонија

СДСМ се огласи: Нема извинување за министерката Божиновска

СДСМ побара од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска да одговори на обвинувањата што партијата ги изнесува за нејзината поранешна поврзаност со компании од „Руднап груп“, како и за зделка вредна 13,2 милиони евра за набавка на броила од српската компанија „Метер-контрол“.

Божиновска: СДСМ да ги повлече лагите или одиме на суд

„Фактите се јасни, повеќе од 12 години немам никаква деловна ниту приватна релација со ‘Руднап’. Немам никаква поврзаност со предметната набавка, ниту со постапката што ЕВН, како приватна компанија, ја спроведува самостојно и за сопствени потреби, вели министерката за енергетика

Мицкоски: Македонија ги брани државните интереси достоинствено и со аргументи

Средбата беше можност за отворен и суштински разговор за стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, за продлабочување на политичкиот и економскиот дијалог, како и за прашањата од заеднички интерес за двете држави, оцени премиерот

To top