Македонија

Над 7.000 пресуди во Кривичен за три месеци: 620 пресуди за полнолетни, 6534 прекршоци во квартал

Основниот кривичен суд Скопје го објави првото издание на својот е-весник

Screenshot

Основниот кривичен суд Скопје го објави првото издание на својот е-весник, во обид да ја зголеми транспарентноста и да ја приближи својата работа до јавноста.

Во првиот број, судот излегува со конкретни бројки за сработеното во првиот квартал од 2026 година, но и со примери од судската практика и пораки за јакнење на довербата во правосудството.

Според објавените податоци, во период од три месеци донесени се 620 пресуди за полнолетни сторители, 60 за малолетници и дури 6534 пресуди во прекршочна постапка.

Во делот за организиран криминал и корупција, судот информира дека биле определени повеќе видови мерки, меѓу кои ефективни притвори, куќни притвори и мерки на претпазливост, како и пресуди врз основа на спогодби.

Е-весникот содржи и конкретни случаи од судската пракса, меѓу кои пресуди за фалсификување пари, перење пари преку фиктивни вработувања и криумчарење мигранти. Во еден од случаите, обвинет бил осуден на три години и шест месеци затвор за учество во организирана група за фалсификување пари, додека во друг случај за криумчарење мигранти била изречена казна затвор од осум месеци и протерување од државата.

Судот преку посебен сегмент се обидува да ја едуцира јавноста и за постапките поврзани со сообраќајни прекршоци, објаснувајќи дека граѓаните имаат рок од осум дена да побараат судска постапка доколку не ја прифаќаат одговорноста.

Во интервјуто во рамки на е-весникот, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, потенцира дека довербата во судството се гради со навремени информации, јасна комуникација и професионално постапување.

„Довербата во судството се гради постепено, преку транспарентно, доследно и одговорно постапување“, вели Камбовски, најавувајќи поголема достапност на судските одлуки и поинтензивна комуникација со јавноста.

Од судот порачуваат дека целта на е-весникот е да обезбеди јасни и разбирливи информации за работата на институцијата, но нагласуваат дека содржините имаат информативен и едукативен карактер и не претставуваат правен совет.

Најнови вести од: Македонија

Муцунски со порака до Брисел: Проширувањето на ЕУ е инвестиција во сопствената безбедност

Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан не е само инвестиција во стабилноста на регионот, туку и стратешка инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

(Фото): Во Македонија една третина од смртните случаи се од кардиоваскуларни заболувања

Од кардиоваскуларни заболувања минатата година во земјава починале 6.888 лица, а овие заболувања учествуваат со 34 отсто во вкупниот морталитет. Со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители, кардиоваскуларните заболувања се на прво место меѓу причините за смртност.

Поплавена зградата на „Нова Македонија“

Пет до шест дена ќе бидат потребни за нормално функционирање на зградата на „Нова Македонија“, откако е утврдено дека поплавата ја предизвикала пукната топловодна цевка на вториот кат, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.

To top